ВМРО-ДПМНЕ: Техничка влада пред секои избори

Реализирање на веќе договорените концепти за финансирање на партиите и формирање техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори се ставовите на кои останува опозициската ВМРО-ДПМНЕ, соопштија од партијата.

Ова беше потврдено на синоќешниот состанок на Извршен комитет на партијата, на кој се анализираше актуелната политичка ситуација и прашањата што се дел од меѓупартиските разговори со власта на претседателско ниво.

„Само на овој начин избирачите ќе имаат гаранција дека власта нема да го злоупотреби нивниот глас, односно дека опозицијата ќе има можност соодветно да дејствува при сите обиди за можен фалсификат и нема да се дозволи повторување на локалните избори. Обидите на Зоран Заев да ја манипулира јавноста со измислени образложенија дека некој бара амнестија за некаков криминал беа оценети како несериозни“, се вели во соопштението.

Во врска со формулацијата на референдумското прашање ИК на ВМРО-ДПМНЕ смета дека за да се согледа јасно волјата на граѓаните мора да се почитува законот што предвидува недвосмислени прашања.

ИК му даде целосна и недвосмислена поддршка на партискиот лидер Христијан Мицкоски да ги застапува ставовите на партијата во натамошниот тек на лидерската средба.

„Македонските граѓани заслужуваат власт која вистински ќе се води по европските принципи за почитување на Уставот и законите, особено за важни прашања поврзани со носење на одлуки за иднината на државата како што се македонските интеграции во Европската унија и НАТО“, се наведува во соопштението.