ВМРО-ДПМНЕ: Сугарески и Владата на СДСМ да не се китат со туѓи перја

„Крајно време е Горан Сугаревски и Владата на СДСМ да престане да се кити со туѓи перја, и проекти започнати и завршени во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Тој наместо средби со градоначалници и пресови на кои промовира проекти на ВМРО-ДПМНЕ треба да ги засука ракавите и да се фати за работа“, велат денеска од партијата на Мицкоски.

„Бруто домашниот производ во првиот квартал од 2018 има катастрофален раст од 0.1 проценти, а за 2017 година растот на БДП изнесуваше 0 проценти. Најголема причина за падот на бруто домашниот производ е падот од 37 проценти во градежништвото, а особено падот во нискоградбата, во која спаѓа изградбата на автопати, патишта регионални и локални патишта. Ова е најдобриот показател дека Сугаревски не работи ништо и е еден од клучните виновници за ваквиот поразителен економски резултат.

Дополнителен показател за неработењето на Сугаревски е и катастрофалната реализација на капиталните инвестиции кои за првиот квартал за 2018 година изнесуваат очајни 10.9 проценти.

Сугаревски и Заев ветуваа 500 километри автопат, а Заев во повеќе наврати изјави дека во моментот во Македонија се градат 800 километри патна мрежа. Каде се 500 километри автопат кои беа ветени во предизборната програма на СДСМ? Каде се градат 800 километри патишта за кои говори Заев? Бројките покажуваат нешто сосема поинаку, а Зоран Заев повторно лаже.

На Македонија и се потребни нови инфраструктурни проекти, и пред се реализација на постојните, а не продавачи на ветер и магла како Горан Сугаревски“, додаваат од партијата.