ВМРО-ДПМНЕ: Собранието ќе ги спаси послушниците

ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во собраниското координативно тело за помирување. Во „белиот дворец“ велат дека станува збор за фингирана награда на послушниците, алудирајќи дека спас за случувањата од 27 април ќе добијат единствено пратениците што гласаа за уставните измени.

Само целосна правда и правдина за сите вклучени во процесите за 27 април ќе биде прифатлива и за општеството и за ВМРО-ДПМНЕ. Се друго, ќе значи продолжување на газењето и понижувањето на правниот систем и на законодавниот дом, што ќе продолжи да ја заострува и поделеноста во општеството“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во опозицијата се убедени дека отфрлањето на предлог-законот за амнестија за инволвираните во собраниските инциденти е доказ дека власта е за селективна правда и злоупотреба на судството и правната држава како алатка за награда.

Власта сега преку некакви форуми, комисии, координативно тело, за наводно помирување, или за наводна правда, не прави ништо друго освен обид преку замајување на јавноста да истера селективна правда што во суштина е длабока неправда. Таа неправда ќе значи нов вистински упад и злоупотреба од власта на правниот систем, нешто што многупати до сега е практикувано во оваа власт“, потенцираат во најголемата опозициска партија.