ВМРО – ДПМНЕ сега бара противкандидат за Мицкоски

До 15 часот во ВМРО – ДПМНЕ пристигнале две кандидатури за претседател, соопштија од партијата. Нивните имиња не се соопштуваат. Извесно е дека едниот од нив е Христијан Мицкоски, кој важи за апсолутен фаворит и кој, според нашите информации, поднел кандидатура во предвидениот рок. Сепак, имајќи ги предвид можните реакции на јавноста доколку во најголемата опозициска партија нема повеќе од еден кандидат за претседател, се прават напори да се изнајде противкандидат на Мицкоски за конгресот колку – толку да изгледа демократски.

Претходно, останатите потенцијални наследници на Никола Груевски одбија да поднесат кандидатури, воглавно незадоволни од начинот на кој што е организиран конгресот, како и поради фаворизирање на Мицкоски од страна на врвот на партијата.На конгресот во Валандово се номинирани 544 делегати, но прашање е колку од нив ќе дојдат. Извршниот комитет на ВМРО – ДПМНЕ во средата вечерта го одби барањето на поранешни и актуелни функционери, меѓу кои Илија Димовски и Антонио Милошоски за одложување на конгресот и создавање фер услови за рамноправна борба. И Филип Петровски одби да се кандидира, бидејќи „не сака да даде легитимитет на нелегален конгрес“. Прашање е во кој правец ќе се одвиваат работите, односно дали се на повидок делби, фракции и напуштања на партијата што беше на власт од 2006 до 2017 година.

Христијан Мицкоски, и официјално на „Фејсбук“ објави дека ќе ја бара довербата од делегатите за нов лидер на партијата.

Мицкоски вели дека голем дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ, членови на партиската структура, членови на општинските и месните комитети, како и огромен број обични граѓани му дале поддршка да преземе чекор и затоа вели дека со отворено срце ја прифатил одговорноста да поднесе кандидатура за претседател на партијата. „Мојата кандидатура е широко понудена рака за секој еден кој сака да биде дел од тимот кој ќе ја создава визијата и ќе го реализира сонот за победничка и економски напредна Македонија. Јас имам план. За нова надеж за нашата татковина, силна и достоинствена“, вели Мицкоски.
(Г.А.)

Споделување со вашите пријатели: