Груевски повика на протести пред Кривичниот суд

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски повика на протести пред Кривичниот суд, обраќајќи им се на своите поддржувачи преку својот фејсбук профил.

„Повик до сите граѓани кои не се согласуваат со антидржаната политика на СДС да излезат на протест пред основниот суд Скопје во 13. 30 часот“, напиша Груевски на фејсбук.

Претходно, ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагира на приведувањето на пратеници нивни членови и поранешни функционери на партијата во врска со настаните кои се случија на 27 април годинава во Собранието на Република Македонија, оценувајќи го како обид за замолкнување на опозицијата.

– ВМРО-ДПМНЕ денеска е на удар на антидржавната хунта на Зоран Заев. Полицијата упадна во домовите на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, членови на Извршниот комитет, поранешни функционери на партијата и други јавни личности. Полицијата по наредба на Зоран Заев не го почитуваше пратеничкиот имунитет, туку единствено политичките наредби за пресметка со неистомислениците, стои во соопштението од партијата.

Според неа, денешниот упад и приведувањето на нивни функционери се обид да биде замолкната опозицијата и да се скрши отпорот на партијата против, како што велат, сите антидржавни политики што владата ги реализира периодов.

– Во момент кога Владата разгледува предлог закон за ослободување на криминалците од затвор, кога се најавува ослободување на убијците од Смилковско езеро и кога убијци се шетаат слободни по улиците, Зоран Заев нарачува политички прогон врз ВМРО-ДПМНЕ заради наводно терористичко загрозување на уставниот поредок, ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите членови и симпатизери на партијата и сите граѓани кои не се согласуваат со антидржаната политика на владеачката хунта да излезат на протест пред основниот суд Скопје во 13:30 часот, стои во соопштението.