ВМРО-ДПМНЕ пак ќе протестира пред Кривичен суд

ВМРО-ДПМНЕ  ќе протестира вечерва повторно пред Основниот суд – Скопје 1, каде што, како што најавија од партијата, ќе има повеќе обраќања пред присутните.

Како реакција на апсењата за насилствата на 27 април, опозициската партија продолжува и со блокадите на крстосници во главниот град, така што за попладнево се најавени блокади на три локации – по една во Центар, Карпош и Кисела Вода.
„Хунтата на власт управувана од СДС спроведува класичен партиски реваншизам и брутален политички притисок. СДС го злоупотребува судството за креирање на неосновани обвиненија за наводен тероризам против искрени патриоти. Сите институции се ставени под партиската чизма, а во функција на реваншизмот кој се спроведува. Институциите наместо да го спроведуваат законот, ги спроведуваат партиските наредби“, се навед во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе продолжат да протестираат и да блокира крстосници низ главниот град, додека, како што наведуваат, трае овој атак врз Македонија.