ВМРО-ДПМНЕ обвинува за наместен тендер, Централен регистер тврди дека се било законски

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторно обвинува дека власта спровела наместен тендер, односно дека кумановска фирма која, според партијата, била донатор на СДСМ, добила тендер од Централниот регистер за набавка на 11 возила, во вредност од 8,3 милиони денари.

„Лани без тендер, во четири очи Делукс Ауто Куманово направи зделка тешка еден милион евра со Министерството за внатрешни работи и Оливер Спасовски за набавка на 45 шкоди. Соседите на Оливер Спасовски може немале да понудат некоја иновација, но за тоа повторно успеа да добијат тендер тежок над 8.3 милиони денари. Иако ова компанија не увозник, тука е само дистрибутер на возила, кога се работи за добивање на тендер од државните институции е иновативна во понудите и фаворит на јавните набавки“, обвини Владимир Нелоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозициската партија оваа фирма за повеќе од една година, додека СДСМ е на власт, добила тендери во висина од 1,5 милиони евра.

Од Централен регистер во реакција за јавноста велат дека во мај годинава законски распишале оглас за набавка на 10 лесни и едно товарно возило и како најповолен понудувач била избрана кумановската фирма.

„На распишаниот тендер конкурираа повеќе економски оператори. За оние кои ги задоволија критериумите, уредно и законски беше закажана е-аукција. За спроведување на тендерската постапка, Централен регистар формираше и соодветна комисија, согласно сите законски прописи за јавни набавки“, соопштуваат од Централен регистер.

Од таму велат дека институцијата во моментов користи возила постари од 20 години.