ВМРО-ДПМНЕ: Не се согласуваме со заминувањето на Груевски

ВМРО-ДПМНЕ е под политички инструирана полициска опсада само заради евтин политички театар кој се случи поради покривање на сопствената немоќ и неспособност на власта, вели портпаролот на опозициската партија Наум Стоилковски.

Според него, беспотребно биле вознемирувани членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, кои беа претресувани.

„Министерот за прогон и терор Оливер Спасовски и Зоран Заев да одговорат кого лажат и кого замајуваат. Тие имајќи ги во раце неограничените ресурси на државната безбедност и под едни вакви услови сакаат и уште сакаат лажно да прикажат дека не знаеја, или не знаат за движењето на Никола Груевски? Тоа е дилема која треба тие да ја одговорат. Што се однесува со самиот чин, ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со самото заминување на Никола Груевски, тоа не е опција дури и кога сите знаат дека се работи за политички прогон. Така се загрозуваат и другите лица кои исто така се цел на тој прогон“, вели Стоилковски.

Според него, мора да престане самоволието на власта.

„Оваа власт го донесе најцрното време на Македонија, најцрното време во кое се менува име, идентитет, се качуваат даноци, се монтираат случаи, се одземаат институциите од граѓаните и се киднапираат од власта, се прогонува опозицијата и нејзината критичка мисла“, вели тој.