ВМРО-ДПМНЕ не е за бојкот ни во прв ни во втор круг

ВМРО-ДПМНЕ не се возбудува од „заканите“ на премиерот Зоран Заев дека, доколку пропаднат претседателските избори напролет, парламентарниот спикер Талат Џафери ќе ја наследи функцијата од Ѓорѓе Иванов, а потоа ќе се смени Уставот со што „татко на нацијата“ би се избирал во парламентот, а не на непосредни избори. Во најголемата опозициска партија сметаат дека станува збор за уште една претстава за јавноста од страна на водечкиот политичар во земјава.

Воопшто не размислуваме за бојкот. Напротив, уверени сме во победа што ќе биде вовед во конечната демонтажа од владеењето на оваа ненародна власт“, брифираат партиски извори за „Независен весник“.

ВМРО-ДПМНЕ за две недели ќе распише конкурс за кандидати за претседател, а нивните имиња ќе бидат познати во средината на јануари. Кандидатите ќе имаат рок од петнаесетина дена да ја претстават својата визија пред општинските комитети, а на завршната конвенција на 16 февруари ќе биде познат фаворитот на опозицијата за изборите што ќе се одржат кон крајот на март или почетокот на април. Во партијата тврдат дека не разговарале за конкретни имиња, се следат рејтинзите и се прават сондажи. Размислуваат да кандидираат име кое не е поврзано со партијата не е ниту член, но е доволно квалитетно и признаено со цел да се привлечат гласовите на неутралните.

Сè уште не е познат ниту кандидатот на СДСМ, но Заев вчера потврди дека нема да прави ротација од „Илинденска“ кон Водно. Тој рече дека фокусот во моментов е насочен кон уставните измени и обезбедувањето двотретинско мнозинство во парламентот, а потоа по брза постапка ќе се одбере кандидат за претседател. Нивниот коалициски партнер ДУИ очекува заедно да одберат консензуален кандидат кој би бил прифатлив за најголем дел од припадниците на двете најголеми етнички заедници. Не се инсистира тој да биде Албанец, но секако дека потоа би се побарала контрауслуга за поддршката. Во СДСМ не сакаат да шпекулираат дали би влегле во коалиција со ДУИ барајќи уште малку време за анализа.

Од друга страна, во ВМРО-ДПМНЕ велат дека на изборите за претседател настапуваат самостојно, односно заедно со коалициските партнери од „За подобра Македонија“, а за евентуална соработка со албанските опозициски партии, како што се случи во Дебар, ќе размислуваат во вториот круг од изборите.

Ние сме подготвени за соработка со сите партии што ќе го прифатат нашиот кандидат и неговата визија“, ни изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.

Заканите“ на премиерот Заев се однесуваат на барањата на дел од аналитичарите блиски до ВМРО-ДПМНЕ да се бојкотираат претседателските доколку не бидат споени со предвремени парламентарни избори. Во тој случај, мала е веројатноста во вториот круг од изборите (доколку не се случи чудо, па победник да добиеме во првиот круг) да биде обезбеден цензус од 40 проценти излезеност. Ако се направи паралела со резултатите од референдумот, ќе се види дека СДСМ, ДУИ, но и останатите албански партии се способни да издејствуваат над 600.000 гласови, но за да биде обезбеден цензус ќе биде потребна излезеност од најмалку 720.000 гласачи. Освен тоа, за договорот со Грција гласаа и Албанци што не ја поддржуваат власта, ама се апсолутно за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО, а треба да се земе предвид и дополнителната разочараност од гласачкото тело на партиите од власта, пред сè поради амнестиите за членовите на поранешната власт.

Се очекува собранискиот спикер Талат Џафери да ги распише претседателските избори на почетокот од февруари. Самиот тој рече дека нема да се кандидира за претседател на Македонија. Но, доколку на изборите не биде обезбеден цензус, до одржувањето на нови избори, на чело на државата, практично, би бил актуелниот претседател на парламентот. Џафери е првиот етнички Албанец, од воспоставувањето на независноста на земјата, кој стана претседател на Собранието, односно прв претставник на албанскиот политички блок кој е носител на една од трите највисоки функции во државата. Уште поинтригантна е најавата на Заев дека во тој случај ќе посегне по ново менување на уставот, со кое во иднина претседател на државата би избирал парламентот, односно не би се одржувале класични избори.

Одредени партии неспорно размислуваат и гласно си кажуваат ставови за можностите, но, за да се реализира таа идеја треба нова постапка за уставни измени. Во секој случај, сега засега останува уставното решение претседателот да се избира директно на избори“, посочува Џафери.

Според последните анкети, Заев има најголем рејтинг, а по него е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Двајцата тврдат дека нема да се кандидираат за претседател. Нивните фаворити ќе бидат познати за неколку недели.

Горан Адамовски