ВМРО-ДПМНЕ: Нема поместување на ставот за референдумското прашање

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски денеска изјави дека во однос на референдумското прашање и карактерот на референдумот во моментов нема никакво поместување и оти ставот на партијата веќе неколку пати го соопштиле.

– Нашиот став во однос на прашањето веќе неколку пати го кажавме. Тој е јасен и според законските норми и европските начела во моментов како што знаете од таму каде што застана на лидерската средба нема никакво помрднување, рече Арсовски одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали постојат консултации помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и власта околу референдумското прашање и за карактерот на референдумот.

Арсовски не одговори дали пратениците на опозициската партија ќе учествуваат на седницата за распишување на референдумот која е најавена за понеделник, ниту пак која ќе биде улогата на ВМРО-ДПМНЕ на референдумот. Не сакаше да ја коментира ниту вчерашната изјава на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска.

– Не би ја коментирал изјавата, би оставил да почекаме да видиме што ќе се случи и дали ќе има помрднување од состојбата која што е во моментов па понатаму ќе можеме да дискутираме и на други теми, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.