ВМРО-ДПМНЕ: Костадин Костадинов ја вработил мајка му во Централниот регистар на Струмица

Портпаролот на СДСМ и пратеник во Собранието на Република Македонија, Костадин Костадинов ја вработил мајка му Фанија Костадинова во Централниот регистар на Струмица, тврди ВМРО-ДПМНЕ.

„Според она што го објавуваат медиумите за огласот на кој е вработена неговата мајка Фенија Костадинова, платата е 25.000 денари, а како услови за аплицијарње се наведува завршено средно образование без потреба од претходно работно искуство. Со ова логично е да се постави прашањето: Дали пред време се знаело дека мајката на портпаролот Костадин Костадинов ќе биде вработена во институцијата и затоа се бара исполнување на само два основни услови? Дали мајката на Костадинов e најмладиот и најперспективниот кадар со средно образование во Струмица и околината?“, прашуваат од партијата.

Претходно, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, Талат Џафери си најде работа за неговата ќерка, а министерот Никола Димитров на својата и обезбеди солидна државна стипендија, Цветанка Ласкова за својата снаа си обезбеди стотици илјади евра, а вдомена е и ќеркичката на Таки Фити.

„Власта наместо професионализација, на дело спроведува партизација на институциите. Граѓаните се во неверување од дрскиот непотизам манифестиран од страна на власта на СДСМ. Граѓаните гледаат дека власта и Заев под своја контрола ја ставаат целата држава. Граѓаните гледаат како Заев и СДСМ целосно ги уништуваат институциите“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.