ВМРО-ДПМНЕ: За скандалот со вакцините веднаш одговорност да поднесат надлежните

Здравствениот систем е во тотален хаос. Скандалот со вакцините што ја потресе јавноста е дното на оваа власт. Недозволиво е да се пронајдат 500 вакцини МРП на кои биле залепени погрешни декларации со веќе изминат рок на употреба и потоа само да се повлечат од 11 впунктови за вакцинирање во земјата, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во ек на прогласена епидемија и тоа токму од министерот за здравство, Венко Филипче излегува на виделина информација дека има вакцини со изминат рок на траење. Прашуваме какви казнени мерки ќе бидат преземени? Кој е одговорен? Дали и на колку деца им се дадени вакви вакцини Зошто надлежните уште од првиот ден по обелоденување на овој пропуст упорно тврдат дека сите вакцини против морбили, рубеола и паротит – МРП имаат валиден рок на употреба? За овој скандал треба веднаш одговорност да поднесат сите надлежни. Прво, одговорност мора да поднесе министерот за здравство, Филипче. Како е можно личност која е на ваква функција да дозволи макар и да проструи ваква информација? Во прашање е нешто што може да го загрози  животот на децата. СДСМ и Филипче уште еднаш докажаа дека единствено се борат само за свое лично богатење и богатење на поединци од СДСМ. Сето ова претставува уништување на се што е направено во здравствениот систем. Време е да се стави крај на ова црнило кое ја зави Македонија. Граѓаните по овој тежок скандал со својот глас ќе стават крај на црнилата и на деградацијата на здравствениот систем.“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.