ВМРО-ДПМНЕ: Законот за јазиците креира нови поделби

ВМРО – ДПМНЕ се јави денеска со нова реакција околу законот за употреба на јазиците, а пред да почне финалната фаза од неговото донесување во парламентот. Според опозициската партија, овој предлог-закон за, како што велат, двојазичност го девалвира македонскиот јазик и ја деградира неговата употреба, создава правен хаос и креира дополнителен буџетски трошок без да има реална основа и потреба за тоа. Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека нејзините пратеници нема да го поддржат овој закон ниту во втората фаза од расправата.

„Законот за двојазичност, наместо да ги приближи Македонците и Албанците, уште повеќе ги одвојува одземајќи го тоа што не поврзува, заедничкиот јазик“, рече Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, по усвојувањето на овој закон, македонскиот јазик ќе биде само еден од двата службени јазици на територијата на државата.

„Овој закон не носи придобивки за граѓаните на Македонија, туку само создава правен хаос и буџетско оптоварување и враќајќи ја државата во минатото креира нови поделби. Овој закон не носи нови инвестиции, економски и општествен развој, овој закон носи стагнација и уште поголеми ѕидови помеѓу граѓаните. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи овој неуставен закон кој ја води државата кон нови поделби“, изјави Костовски.