ВМРО-ДПМНЕ: Демократијата во земјава заврши во контејнер

ВМРО-ДПМНЕ тврди сѝ уште дека дел од амандманите што партијата ги поднесе на Законот за употреба на јазиците биле расфрлани околу Собранието.
„Тоа е факт кој го виде целокупната јавност. Ниту СДСМ, ниту владејачкото мнозинство може да избегаат од тој факт со какви било манипулации. Тие се должни да одговорат кому му сметаат и кој ги фрли амандманите на ВМРО-ДПМНЕ, поднесени во врска со неуставниот закон за двојазичност“, реагираат од опозициската партија.

Според ВМРО-ДПМНЕ, владејачкото мнозинство треба да ѝ одговори на македонската јавност кој издал наредба и кои сѐ лица учествувале во овој, како што се вели, срамен и недемократски чин.

„Дали ова значи дека залудни се обидите за аргументирана дискусија и правно побивање на неуставните закони во Собранието и дека со доаѓањето на СДСМ и Зоран Заев на власт демократијата во земјава заврши во контејнер? Демократијата во Македонија не смее да биде погазена и понижувана на овој начин“, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Собранието да спроведе истрага и да ги открие и санкционира сторителите на, како што велат, овој срамен и недемократски чин.