ВМРО-ДПМНЕ: Во Карпош ќе се градат 100 згради?

Во ВМРО-ДПМНЕ реагираат на предлог-ребалансот на буџетот на Општина Карпош, со кој власта, предводена од СДСМ, планира да обезбеди приходи од 15 милиони евра по основ на комуналии. Од опозицијата потенцираат оти пред една година, социјалдемокраите тврделе дека изготвиле буџет кој ќе ги реши проблемите, а денеска имаме зголемување на проблемите.

„И со овој ребаланс, буџетот на Карпош нема никакви допирни точки со реалноста. Се лажат себеси, а ги лажат и граѓаните. За илустрација на забеганата состојба, посочуваме на фактот што ребалансот и буџетот се темелат на приходите од комуналиите. СДСМ со овој ребаланс уверува дека до крајот на 2018 година, општина Карпош, по основ на комуналии, ќе обезбеди приход во износ од 898.700.000 денари или приближно 15 милиони евра. Тоа значи дека општината планира да издаде градежни дозволи за 168.000 метри квадратни станбен и деловен простор или за 100 нови згради.  Каде и како ли само определија локација за 100 нови згради во Карпош? За конфузијата да биде целосна и покрај огромниот очекуван приход општина Карпош со ребалансот одлучи да штеди на изградба на улици, патишта, паркови, паркинзи и екскурзии за учениците. Се кратат 30 милиони денари од средствата наменети за реконструкција на улица и патишта. Се кратат 30 милиони и од средствата наменети за паркинзи. Се кратат 30 отсто од средствата за зеленило во Карпош. Се кратат и средствата за екскурзии за учениците од училиштата“, предупредува Тони Јаревски, претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош. Од партијата нагласуваат оти таков предлог-ребаланс нема да поддржат.