ВМРО-ДПМНЕ: Владата ги претвори судиите во политички пиони

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се јави и вчера со реакција за процесот што се води за настаните во парламентот на 27 април, оценувајќи дека само во Македонија видни личности – патриоти, кои, како што се наведува, немаат сторено ниту прекршок се прогласуваат за терористи.

„Власта безобразно и на очиглед на сите ги злоупотребува институциите на системот за политичко пресметување со неистомислениците. Судовите не се ни трудат да ја запазат правната постапка. Во решенијата што се доставени до правните застапници на обвинетите воопшто нема образложенија или тие не соодветствуваат со фактичката состојба. По повеќе од десет дена се уште не се добиени решенијата за притвор за некој од уапсените што јасно укажува на фактот дека ова не е правен процес туку политичка пресметка“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозициската партија, Владата на СДСМ ги претворила судиите во политички пиони кои ги користи за дневно политички потреби.

„Самиот факт што вишото јавно обвинителство ги нарекува обвинети оние кои се политички осомничени за настаните од 27 април е доволен доказ дека некој сака да ги издиктира и пресудите, а судот треба молчешкум да ги изрече.Срамна и политичка е одлуката на Апелациониот суд за продолжување на притворите на патриотите Дурловски, Јовановски, Дамовски, Илиевски, Божиновска, Чавков, Мукоски и останатите кои застанаа на браникот на татковината. Законите мора да важат подеднакво за сите, а не да се применува селективна правда. Блискоста со власта на пратеникот Павле Богоевски му донесе експресно повлекување на обвинувањата за штетите кои очигледно ги предизвика за време на т.н. шарена револуција, додека другите обвинети за истите случувања и понатаму ќе мора да одговараат за истите обвинувања“, се наведува во партиското соопштение.