ВМРО-ДПМНЕ: Буџетот не предвидува покачување на социјалната помош

Предлог буџетот на владата за 2018 година не предвидува покачување на социјалната помош, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ветувањето за социјална помош од 12.000 денари е чиста предизборна манипулација на СДС. Помина цела една година откако Зоран Заев им вети и ги изманипулира граѓаните дека сите семејства кои немаат никакви приходи ќе добијат социјална помош од 12.000 денари. Но, во најобемниот буџет во историјата на државата од енормни 3,5 милијарди евра нема средства за покачување на социјалната помош. Затоа има средства за покачување на ставката за патни и дневни расходи за 5,2 милиони евра“, вели Драган Данев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Данев, граѓаните и државата се жртва на неодговорната политика на СДСМ.

„Доколку ВМРО-ДПМНЕ формираше влада, ќе имаше континуирано покачување на социјалната помош за 10,6 отсто годишно, односно во текот на целиот мандат таа ќе се зголемеше за 50 отсто. Доказ за тоа е оствареното од минатото, имено од 2006 до 2016 година истата беше покачена за 69 отсто“, рече Данев.