ВМРО до директорот на Службен весник: За ова се оди во затвор

ВМРО-ДПМНЕ го предупреди директорот на Службен весник, Мартин Костовски, дека објавувањето на законот за јазици во Службен весник е кривично дело кое не застарува и за кое се лежи казна затвор. Тој ја носи директната одговорност, а потоа и сите инволвирани.

„Сите инволвирани ќе сносат одговорност за насилното кршење на законите, процедурите и уставноста при носење на истите закони. СДСМ уште еднаш ја силува демократијата и го руши правниот поредок во Република Македонија. Веднаш по промената на името, Владата на СДСМ на незаконски и насилен начин ја прави Република Македонија двојазична држава. Ова е само уште еден груб и провиден обид на власта на СДСМ преку носење несуштински работи за Албанците, да им се додвори на целиот албански електорат во пресрет на претседателските избори и да ги изманипулира албанските гласови“, велат во ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, доколку власта е искрена во намерите, наместо со носење несуштински работи, треба да се потрудат преку економски политики да ги реализираат ветувањата кои ги дадоа пред изборите за подобар живот и навистина да им го подобрат животот на Албанците во Република Македонија преку отворање нови работни места и се она што ветија.

„Но, бидејќи ова им е само обид за додворување на Албанците пред изборите преку правење на кривично дело, еден ден кога ќе паднат од власта ќе сносат одговорност пред лицето на правдата и ќе се соочат со предвидените казни кои следуваат за ова дело“, се закануваат во опозициската партија.