Вмровците против притисоците Мицкоски да го наследи Груевски

Зголемување на делегатите на Конгресот од 544 на 5.000 делегати, одлагање на Конгресот во Валандово и закажување на нов во февруари наредната година, колективно Претседателство од три до пет члена, забрана на користење на партиската инфрастуктура за поединци, возможност на делегатите да ја пријават секоја принуда или закана, и забрана на функционери да ја користат партиската инфратсуктура во полза на еден кандидат. Ова се барањата што триесетина поранешни и актуелни функционери во ВМРО – ДПМНЕ го испратија до Извршниот комитет на партијата, обвинувајќи за голем број нелегитимности и фаворизирање на Христијан Мицкоски во пресрет на Конгресот во Валандово закажан за петок и во сабота, а на кој требаше да се избере наследник на Никола Груевски. Меѓу потпишаните се Борис Змејковски, Трајко Вељаноски, Антонијо Милошоски, Никола Бакрачески, Илија Димовски, Илчо Захариев… а, покрај Груевски, ги нема потписите на Влатко Ѓорчев, Никола Попоски и Александар Николоски. Филип Петровски со денови предупредува дека на терен се врши притисок.

Водени од желбата за побрзо консолидирање на нашата партија, водени од намерата за сеопшто обединување на сите структури и поединци од ВМРО – ДПМНЕ, водени од политичката одговорност да направиме чекори кои ќе ја зацврстат и сплотат нашата партија, водени од намера побрзо да создадеме услови за промена на неодговорната, неуспешната и неспособната власт предводена од СДСМ, се залагаме за принципи и вредности, а не за личности, затоа што ВМРО – ДПМНЕ не е една личност, не е група од неколку или повеќе личности, туку е идеја за слобода, демократија и напредок на Македонија. Имаме обврска пред членовите на ВМРО – ДПМНЕ, но имаме и обврска пред сите граѓани на Македонија што сакаат подобра иднина на оваа држава, да проговориме јавно за да обезбедиме демократичност и фер натпревар во рамките на нашата партија, како принцип и вредност за целата држава и сите нејзини граѓани“, се наведува во писмото.

Се тврди дека партијата има потреба од нов концепт на функционирање во кој ќе се почитува традицијата, успесите и вградениот труд на секој член, но и ќе се дава постојана шанса на нов и свеж потенцијал.

Информациите од членството на терен говорат дека во спроведување на процедурата за избор на Претседател на ВМРО – ДПМНЕ има еден кандидат кој е очигледно фаворизиран, помогнат и поддржан од целокупната партиска инфраструктура на републичко ниво. Се користат партиски ресурси само за еден кандидат. Се врши притисок врз добар дел од делегатите да се потпишат зад кандидатурата на еден кандидат. Се праќаат и вистинити и лажни поздрави до делегатите од влијателни личности во врвот на партијата со цел добивање на поддршка за едниот кандидат. Се користат закани за исклучување од партијата и од органите на партијата на лица кои ќе одбијат да дадат поддршка на едниот кандидат. Се на се, жалиме што мораме да констатираме дека Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ закажан за 22 и 23 декември под овие околности не гарантира демократски и транспарентен процес за легитимен избор на Претседател на партијата. Пред да го објавиме ова јавно писмо, дел од нас, повеќе пати алармиравме и разговаравме со највисоките партиски функционери, но за жал до сега немаше никаква ефективна реакција“, пишуваат истакнати партиски членови. .

Потписници на писмото се Борис Змејковски, Владо Трнталовски, Васил Наумов, Дијана Трнталовска и Драги Арсов, основачи на партијата Ѓорги Боев, Ѓорги Наумов, Трајко Вељановски, Антонијо Милошоски, Илија Димовски, Иван Иванов, Благоја Деспотоски, Крсто Јовановски, Жарко Караџоски, Никола Бакрачески, Борче Стамов, Марта Арсовска Томовска, Илчо Захариев, Трајчо Димков, Магдалена Манаскова, Слаѓана Митовска, Ристо Манчев, Павле Саздов, Александар Колев, Горан Манојловски, Александар Митов, Нола Исмајлоска Старова, Милан Ристевски, Нада Ципушева и Невенка Стаменковска.