Влезот во НАТО го затвора прашањето „дали ќе нѐ биде“

Со влегувањето на Македонија во НАТО ќе се затвори прашањето дали ќе ја биде или не. НАТО сака сите земји од Западен Балкан да влезат во оваа меѓународна организација, оваа територија да биде дефинирана и Македонија да не биде слепо црево во овој регион, смета националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски.

По изјавата на генералниот секретар Јенс Столтенберг дека евентуален неуспешен референдум би го загрозил членството на земјата во НАТО, Пендаровски порачува дека Македонија треба повеќе да се ориентира кон тоа што Грција ќе го каже во своето писмо испратено до Алијансата, отколку на формулациите што ги употребува генералниот секретар.

„Се чека писмото од единствената земја членка што досега правеше проблеми за нашето зачленување во Алијансата. Треба да ги видиме формулациите внатре. Ветувањата од грчкото МНРсе дека препораката ќе биде чиста и јасна и за двете организации, не само за НАТО. Грција за во НАТО нема да прави проблем да добиеме покана, а за ЕУ нема да прави проблем да почнеме со преговори“, рече Пендаровски.За него, освен НАТО, сите други алтернативи не се добри за Македонија, бидејќи ЕУ и НАТО се школи за демократии.

„Малите држави мора да влегуваат во сојуз со другите и низ меѓународните организации да ја зголемат својата моќ. Не можеш да опстанеш сам. Кога ќе влеземе во НАТО, ќе се затвори прашањето дали Македонија ќе ја биде“, вели Пендаровски.

Според него, руското влијание во Македонија е засилено во последниве три години. Руското министерство за надворешни работи првпат испрати серија соопштенија за протестите на „шарените револуционери“ и оваа светска сила со своите ставови ѝ дала неколку години плус на тогашната власт, а пред три години на собир првпат беа истакнати руски симболи и знамиња. Тој порачува дека Македонија не влегува во НАТО за да биде закана за Русија, туку за да може да користи бенефити во најголемата воена организација.

„Тоа повлекува влез и на евентуални инвеститори. Тоа не е фраза која ја кажуваат нашите политичари. Кога ќе дојде некој инвеститор, прашува кога земјата ќе влезе во ЕУ и НАТО, бидејќи сега е транзициска држава која може и да не ја биде“, вели Пендаровски.

Освен економските бенефити и тоа што авионите на НАТО ќе ја прелетуваат нашата земја, според Пендаровски, оваа организација е најголемиот кохезивен фактор за земјава бидејќи сите етнички заедници се единствени за оваа цел.

Во организацијата во која членуваат најмоќните држави исто така се разменуваат информации, и Пендаровски обелодени дека со размена на информации, во изминативе 18 месеци биле спречени два напада на македонска територија со помош на разузнавачки податоци. (Ф.Ф.С.)

 

Макрон е против проширување до изборите идната година
Францускиот претседател Емануел Макрон е против проширување на ЕУ до мај идната година, до ЕУ-изборите, бидејќи дотогаш сака да ја зајакне својата партија која не припаѓа ниту на левото ниту на десното крило и да спречи евентуално одлевање на гласовите кон крајната десница на Марин Лепен.

Вака, како аналитичар, Стево Пендаровски го толкува одбивањето на Франција на сите чекори за проширување на Унијата.Според него, Макрон до мај идната година сака да ја зајакне позицијата на својата партија во Европскиот парламент каде што најголеми групации се европските народни партии, социјалистите и социјалдемократите. Макрон сака да ги одбие нападите на Марин Лепен која е против проширувањето на ЕУ со земји од Балканот.