Власта се смени, но не и условите: Новинарите се борат за слобода и без пари

Луѓето што секојдневно ги слушаат проблемите на граѓаните, нивните животни приказни, ги пренесуваат пораките од  политичарите чекајќи ги пред институциите, ја пренесуваат сликата од трагедиите, убиствата и пожарите, не успеаја да ги слушнат и да ги сменат сопствените приказни.

Новинарите веќе почнаа да се откажуваат од професијата. Голем број долгогодишни новинари, кои останаа без работа по затворањето на весниците што ги издаваше МПМ и менувањето на медиумската структура, не наоѓаат сатисфакција во професијата која треба да го креира јавното мислење и да им помогне на граѓаните во решавањето на секојдневните проблеми. Голем дел од нив се вработија во маркетинг-агенции и пи-ар служби, откажувајќи се од работата која со години ја работеле, а медиумите останаа без професионалци.

Новинарската работа, која нема работно време и место, се покажа како тешка професија во Македонија во која се вложува многу труд, а се добиваат малку пари. Најголем дел од новинарите не сакаат да зборуваат јавно за секојдневните проблеми со кои се соочуваат.

Според претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници Тамара Чаусидис, степенот на слободата на новинарите не е променет. Тие се и натаму во социјално економски условена положба, со мали плати, кратки договори, закани од отпуштања и закани за деградирање.

Сепак, според Чаусидис, има промена во слободата на изразување, луѓето поотворено коментираат, барем врската меѓу искажаниот збор и казната за тоа, веќе не може да се поврзе со Владата.

„Нема веќе владини реклами, тој клиентиелистички однос веќе е укинат, меѓутоа, менталитетот на газдите на медиумите не е укинат, тие и натаму се нудат и натаму бараат начин како да се стават на услуга“, вели Чаусидис.

Таа порачува дека новинарите може да ја подобрат својата состојба единствено со колективно организирање и колективна заштита. Во една редакција новинарите треба да бидат организирани во синдикат за да може да му се чукне на врата на менаџментот и да се побара колективен договор.

„Само со колективни договори може да се подобри социјалната сигурност, да може новинарите да кажат ‘не сакам ова да го пишувам, инаку нема друга опција’. Друга компонента е солидарноста. Ако некој новинар е изложен на притисок, колегите треба да го поддржат оти новинарот сам не може да се избори. Тие се решенијата. Ние не можеме од Владата да чекаме да ни ги реши проблемите“, вели Чаусидис.

Последните информации од власта се дека државни пари за медиумите нема да има, но сепак се преговара за различни намалувања на трошоците за весниците.

„Пари од државата кон медиумите нема да има и тоа е наша стратегиска определба. Можеме да зборуваме за различни намалувања на трошоците. Дали ќе се даноци, некој вид оперативни трошоци што може да се намалат. Пари во медиуми од оваа влада нема и крај“, изјави министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски.

Иако Владата излезе со информација дека ќе ги субвенционира печатените медиумите, за овие најави нема ништо конкретно.

Новинарот Лирим Дулови од Асоцијацијата за печатени медиуми вели дека засега нема никаков конечен одговор од Владата за субвенционирањето на медиумите.

„Ние бараме да се покријат половина од трошоците за печатење и дистрибуција“, вели Дулови.

Иако Владата се откажа од давање на државни пари за медиумите, сепак, на весникот „Слободен печат“ му беше доделен грант од 10 милиони денари од Фондот за иновации и развој за набавка на печатараска опрема и производна хала.

По оваа информација, почнаа кавгите во јавноста дали Владата сака пак да ги корумпира медиумите, но на друг начин. Од весникот велат дека тоа нема да влијае на нивната уредувачка политика и дека тие го добиле грантот законски.

„Грантот е добиен во рамките на третиот столб од владиниот план за економска поддршка за брзорастечки компании, до висина од 30 отсто од вкупно вложените средства, со намена ‘за набавка на опрема и финансирање и развој на нова технологија’. ‘Слободен печат’ го доби овој грант откако во транспарентна и законска постапка, по поднесени детални елаборати и барана документација, ги исполни сите услови пропишани во конкурсот, по сите ставки“, велат од менаџментот на весникот.

Сепак, останува фактот дека медиумите остануваат алатка за исполнување на сите можни интереси освен главниот јавен интерес.

„Новинарите како да се вишок во целата приказна. Деценија и повеќе вложување во пропаганда си го зема данокот, на пазарот има дефицит од професионални новинари, а и побарувачката за нив е мала. Не се вложува во работната сила која е основа на дејноста, што е поразително. Кога тоа ќе почне да се менува, кога ќе се бараат и соодветно плаќаат искусни професионалци, тоа ќе биде најдобар показател дека состојбата навистина почна да се менува на подобро“, додава Чаусидис.

Претседателот на Здружението на новинарите Насер Селмани не го добивме за да ја прокоментира состојбата. Тој завчера испрати пораки до Европската Унија, власта и опозицијата за реформите во медиумите.

„Во наредниот период, во процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, посветете повеќе внимание на медиумските реформи. Слободни и професионални медиуми се кислород на секоја демократија. Македонската демократија има потреба од многу кислород. Професионалните медиуми се најдобар лек против злоупотребите на секоја власт. Има промена во медиумите, но тие промени се далеку од тоа да бидат одржливи“, рече Селмани.

Фросина Факова-Серафиновиќ