Владите на Македонија и на Бугарија ќе договараат конкретни проекти

Сорaботка во случај на непогоди, помош за обука на македонската армија, поддршка во областа на телекомуникациите и енергетиката… се дел од проектите за кои ќе расправаат владите на Македонија и на Бугарија, на првата заедничка седница, што ќе се одржи следната седмица.
Настанот е закажан за 23 ноември (четврток) во Струмица.

Како што соопштуваат од Владата на Македонија, двата кабинета, на првата заедничка седница, почнуваат со работа на конкретни проекти за соработка. Во таа насока, ќе бидат разгледани можностите за активирање на односите меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји, интеракцијата и меѓусебната помош при катастрофи, поддршка во обуката и подготовка на војниците од вооружените сили на Македонија, соработката во областа на телекомуникациите, инвестициите и енергетиката.

Врз основа на постигнатите спогодби, како што наведуваат од „Илинденска“, и во согласност со Договорот за пријателство, соработка и добрососедство, ќе бидат потпишани билатерални документи. Напредокот во добрососедските односи меѓу Бугарија и Македонија ќе биде одбележан со усвојување на заедничка декларација.

Одржувањето на заедничката седница беше договорено за време на официјалната посета на бугарскиот премиер Бојко Борисов во Скопје, во почетокот на август годинава, кога беше склучен Договорот за пријателство, соработка и добрососедство меѓу двете држави.