Владиниот маркетинг чини 40.000 евра месечно

Донесовме само 26 луѓе, наследивме гломазен систем што не функционираше, работиме транспарентно, не се рекламираме, не вршиме притисок врз медиумите и за плати издвојуваме помалку од минатата власт.

Вака, претставниците на Владата одговараат на обвинувањата од медиумите дека нивниот тим задолжен за односи со јавност, за промоција и за маркетинг брои најмалку 120 лица, од кои повеќето не се квалификувани при што влечат 690.000 евра годишно од буџетот. Од таму тврдат дека целта им е да работат отворено и чесно, а не да прават пропаганда, приложувајќи бројки што покажуваат дека трошеле неспоредливо помалку во споредба со претходната влада на Никола Груевски.

Наследивме систем за комуникација кој, всушност, не постоеше, па не можевме само да продолжиме по истиот пат, туку мораше да создадеме нов. Донесовме само 26 луѓе, од кои најголемиот дел се со авторски договор. Моравме така, бидејќи периодот за вработување беше кус, не можевме да ја изведеме процедурата. Тие немаат службен телефон, немаат дневници, не се пензиско ниту здравствено осигурани и работат во смени. Не е точно дека не се доволно стручно подготвени, бидејќи се компетентни за работата што ја извршуваат“, порачаа од прес ти,от на Владата обидувајќи се нововработените да ги прикажат како страдалници.

Од тимот на поранешната Влада што го затекнале, 25-ина веќе си заминале, а за другите ќе се врши ресистематизација.

Кога е во прашање финансискиот дел, од Владата потенцираат дека за бруто плати годинава ќе бидат потрошени 530.000 евра. За споредба, лани за истата намена биле потрошени 55 милиони денари или над 900.000 евра што е разлика од 40 проценти.

Имаме ист аршин кон сите медиуми, не им даваме на едни ексклузиви, а на други да им ги криеме работите под тепих“, тврдат од „Илинденска“.

Податоците што ги објавија покажуваат дека во 2016 година имало 100 вработени лица платени да работат односи со јавност и придружни функции.

Во 2017 година, имаме 13 вработени по старата систематизација и тие не работат ништо поврзано со односи со јавност ниту придружни функции. Има 57 вработени кои работат придружни функции (координација, логистика, анализа, истражување, сниматели, камермани и слично) и 46 со примарна функција односи со јавност“, објаснуваше портпаролот на Владата Миле Бошњаковски како медиумите стигнале до бројката од околу 120 лица вработени во пи-ар секторот.

Кога се во прашање трошоците за односи со јавност и рекламирање, како споредба се прикажуваат 2014, 2015 и 2016 година во споредба со 2017 година.

За таа цел годинава се платени само 500.000 евра. За споредба во 2014 година се потрошени 7.5 милиони евра, во 2015 – 5.5. милиони евра, во 2016 – 1.1. милион евра“, анализираат во Владата.

Пред неколку дена, премиерот Зоран Заев изјави дека досега Владата ангажирала 39 лица за односи со јавност. Според него, се работи за луѓе кои асистираат заради зголемување на транспарентноста на работењето на Владата, но од нив, како што рече, ќе останат многу помалку.

Водиме сметка за домаќинско работење, гледаме со минимум ресурси да го испорачаме пред граѓаните се она што треба. Никогаш нема да зборавиме дека транспарентноста е важна работа. Залудно е се што работиме, ако граѓаните за тоа не знаат. Ако граѓаните и вие медиумите не нѐ контролирате, може секој да забега и на крајот да ни се повторат работите од минатото за кои ниту ние, ниту граѓаните не очекуваме да се случат. Отворено, по пат на дебата разговараме за сите работи, подготвени сме секогаш да се корегираме, но верувајте дека тоа се мнинимум ресурси што ни требаат за асистирање, за се што е општествена и владина одговорност пред граѓаните, за да допре до граѓаните“, рече Заев.

Во врска со предупредувањето од Брисел дека треба да се намали или да се внимава на секторот за односи со јавност, Заев рече дека Владата ги почитува сите препораки.

Ги почитуваме и ќе ги почитуваме сите препораки, апсолутно, стропроцентно, секако објаснувајќи ги сите наши аргументации зошто нешто е неопходно во дијалог со Европската унија“, рече Заев.

Горан Адамовски

 

Реакција од ВМРО – ДПМНЕ: Нашиот тим беше подобар

ВМРО – ДПМНЕ ги отфрли тврдењата на Владата дека системот за односи со јавност што го имале додека биле на власт не функционирал соодветно. Според опозициската партија, во нивно време и премиерот, министрите, и портпаролите во поголем обем информирале за владините мерки, политики и точките на дневен ред што се разгледувале на седниците.

„Исто така, на секој упатен му е совршено јасно дека денешната работа што ја извршуваат над 40 лица од гломазната и тромава служба за односи со јавност на владата на СДС, порано кога ВМРО-ДПМНЕ беше во Владата, беше во најголем број на случаи реализирана од само три лица, кои по инсталирањето на СДС во Владата, ги напуштија своите позиции согласно своите политички убедувања.

Во времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, речиси секојдневно премиерот ги соопштуваше политиките и мерките и одговараше на десетици прашања од новинарите, исто како и портпаролите на Владата, исто како и министрите кои транспарентно информираа за политиките од нивниот ресор на јавни настани. Се разбира дека во некои случаи и најчесто од објективни причини не бевме во можност да одговориме баш на секое прашање за што се надеваме на разбирање од страна на новинарите, но дека одговаравме на значително поголем број на прашања од интерес на новинарите во споредба со денес е факт, кој никој не може да го негира. И тоа одговаравме и во работни и во неработни денови, во било кое време од денот, што според информации што ние ги имаме од релевантни новинари, не е случај и сега“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.