Влада: Иванов сè уште не одговорил за Алатката за отчетност

Претседателот Ѓорѓе Иванов не одговори на поканата да ја прифати Алатката за отчетност, со што одбива да ги информира граѓаните за неговите службени трошоци, соопшти владината прес-служба.

– Се уште нема одговор од претседателот Ѓорге Иванов, на писмото од Владата со предлог и Канцеларијата на претседателот да ја прифати Алатката за транспарентно, отчетно и одговорно владеење. Во духот на определбата за транспарентност и отчетност во работењето на државните институции и избраните функционери, Владата го повика претседателот на РМ да ги стави на увид на јавноста информациите и податоците за трошењето на парите на граѓаните, се вели во соопштението.

Во писмото, испратено на 29 мај, министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, го информирал претседателот Иванов дека Алатката за транспарентно, отчетно и одговорно владеење им е достапна на сите избрани функционери кои се подготвени да ги стават во секој момент на увид на граѓаните информациите и податоците за трошењето на нивните пари.

Во писмото Владата го информира претседателот Иванов, дека преку Алатката за отчетност, пред граѓаните на досега се објавени трошоците на премиерот, на министрите и на замениците на министрите, на државните секретари и на генералниот секретар на Владата.

Владата ги задолжи и директорите и замениците директори на самостојните органи на државната управа, на органите во состав на министерствата и на Инспекцискиот совет, а им укажа и на директорите на јавните претпријатија, на агенциите и на акционерските друштва во сопственост на државата, да ги објавуваат службените трошоци.

Понатаму, Владата на Република Македонија го информира претседателот Иванов дека Алатката за одговорно владеење им беше предложена и на градоначалниците на општините, кои, во меѓувреме, со одлука на Управниот одбор на ЗЕЛС добија препорака да започнат да ја применуваат оваа Алатката и да ги објавуваат трошоците на носителите на јавни функции на своите веб страници.

– Оваа одлука добива уште поголемо значење ако се земе предвид фактот дека локалната власт во Република Македонија е целосно независна во креирањето на своите политики и затоа прифаќањето на оваа препорака говори за високата свест и на претставниците на локалната самоуправа за значењето на транспарентноста и отчетноста пред граѓаните и на ниво на единиците на локалната самоуправа, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Иако сите овие информации, вклучително и информациите за користење на оваа алатка за лесно пребарување низ трошењата на избраните функционери, беа наведени во писмото до Канцеларијата на претседателот на Република Македонија, заедно со понудата за асистенција за користење на Алатката, ниту од Канцеларијата, ниту од претседателот Иванов, досега нема одговор дали ја прифаќа или не можноста на отворен и транспарентен начин да им покаже на граѓаните како Канцеларијата на претседателот на Република Македонија ги троши нивните пари, нацедуваат од владината прес-служба.