Владата ќе ги вади децата од институциите

До 2020 година ќе се стави крај на згрижувањето на деца до три години во институции, бидејќи тоа е штетно за нивниот физички и психички развој. Децата ќе бидат загрижени во згрижувачки и роднински семејства, односно форми најблиски до природното семејство.

Проектот денеска го најавија УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика, преку конференцијата „Семејство за секое дете“.

– Раното детство е од најголема важност за развојот на децата. Овој период треба да го направиме најдобар бидејќи до 75 проценти од мозокот се развива до седмата година од нивниот живот и ако тука испуштиме да вложиме во нив, во развојот на интелигенцијата, тогаш сме пропуштиле многу и како општстветво, и како институции – рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Кога ќе се исцрпат сите можности за грижа, рече таа, можеби некаква институција треба да постои за таму да бидат периодично сместени децата, со цел да им се излезе во пресрет и на родителите и на згрижувачките семејства. Но, треба престојот на децата таму да биде што пократок, а третманот кон нив што подобар.

Ќе се развиваат и сервиси на локално ниво за да се заштити природното семејство и да му се даде поддршка да се избори и да не се откаже од своите деца.

Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс смета дека семејството за секое дете е примарен извор на учење пред возраст од три години кога, како што рече, се формираат поголемиот дел од когнитивните емоционални и социјални капацитети. Семејството, додаде тој, е извор на сигурност, идентитет, припаѓање и конечно на љубов. Во институцијата тие не добиваат или добиваат малку внимание и љубов, се под емоционален токсичен стрес и тоа е она што го успорува нивниот развој.

Перкс препорача а се соработува со здравствениот систем и социјалните служби за да се спречи откажувањето на родителите од децата, да се развијат други форми на згрижување, како згрижувачки семејства, но и да се интензивира чинот на посвојување, со оглед на тоа што, како што рече, во Македонија има 70 деца до три години кои чекаат да бидат посвоени, а има 200 заинтересирани родители да посвојат дете.

Исто така, за оние семејства кои не можат да останат во биолошки семејства, или не можат да бидат посвоени или згрижени во згрижувачки семејства, треба да се развијат мали групни домови, кои се најблиска форма до природното семејство.