Владата ќе бара одговорност од Дац ако се утврди дека сторил тежок прекршок


Од Владата велат дека Министерството за внатрешни работи и сите органи детално ќе ја истражат и ќе ги објават наодите за сообраќајната несреќа во која, како што беше објавено, директорот на МНТ Драган Спасов – Дац удрил во девојка која поминувала улица.

Порачуваат дека секој мора да понесе одговорност согласно законите и оти лице кое сторило таков тежок прекршок и довело во опасност друга личност не може да раководи со институција и да извршува јавна функција.

– Во однос на сообраќајната несреќа која се случи вчера Министерството за внатрешни работи и сите останати органи ќе го истражат настанот детално и во најкраток можен рок сите наоди ќе и бидат презентирани на јавноста веднаш. Во секој случај Владата на РМ смета дека секој мора да понесе одговорност согласно законите. Лице кое сторило ваков тежок прекршок и довело во опасност друга личност, за среќа во случајов без сериозни последици по нејзиниот живот, не може да раководи со институција и да извршува јавна функција, рече владиниот портпарол Миле Бошњаковски, на денешната прес-конференција за одлуките од редовната седница на Владата.

Според МВР, синоќа во 19:20 часот на улица „Антон Попов“ во Скопје Спасовски со патничко возило БМВ удрил во пешакот Е.Ц.(27). Е.Ц е пренесена во ГОБ „Св. Наум Охридски“ каде и се констатирани телесни повреди, по што е пуштена дома