Владата со детали за прославата: Изведувачите знаеле дека ќе пеат за поканата за НАТО

Прославата по повод поканата до Македонија за членство во НАТО изнесувала по 11.900 евра по град или вкупно 179.500 евра, соопшти Владата. Во владиниот извештај објавен вчера се вели дека трошоците за прославата насловена „Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ“ се скромни и реализирани законски во транспарентна постапка. Одлуката за реализација се донела на владина седница на 10 јули, или четири дена пред одржувањето. За одбележувањето на овој настан бил формиран организациски одбор предводен од националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски.

Владата информираше дека во договорите склучени со секој автор поединечно било нагласено дека ангажманот е за прослава по повод поканата за Македонија за членство во НАТО. Дел од изведувачите тврдеа дека биле изиграни и дека им било кажано дека ќе настапат на настан од областа на културата, а не за прослава за НАТО. По таквите изјави, неколку изведувачи одлучија да не настапат.

„Трошоците за неколкуте изведувачи што го откажаа ангажманот не се вклучени во пресметката на сумата и нема да се реализираат, а административната процедура со нив ќе се заврши по пат на спогодба“, соопштија од Владата и додаваат дека ангажирале исклучиво домашни изведувачи со кои биле склучени авторски договори за уметнички трудови, односно за музичко-сценски изведби, а изборот на градови бил определен согласно рамномерна географска застапеност.

Координаторот на овој проект, Роберт Алаѓозовски, не одговори на прашањето од „Независен весник“ што точно подразбира спогодбата која треба да се спроведе со изведувачите што не настапија.
Ангажманот за четириесетте домашни изведувачи утврден со засебни авторски договори со секој од нив и вкупно за сите, во сите 15 града и настапи на домашните изведувачи чини 75.500 евра.

„Сценската опрема, бините, системите за озвучување и осветлување за 15 настани се реализирани од страна на компанија со која Владата има склучено договор, врз основа на тендер и спроведена јавна набавка, која тековно врши услуги за изнајмување и ракување со опрема за аудио и видеоподдршка на настани во надворешен простор за потребите на државните институции. Вкупната сума за сите трошоци за сцени и сценска опрема, за сите 15 места низ градовите, односно за сите 15 настани, чини 49.000 евра или околу 3.200 евра по град“, соопшти Владата.

Сите останати потреби и услуги за организација на настаните, што подразбира обезбедување соодветна логистика, 150 редари, технички персонал, заштитни огради, 15 шатори, 15 гитарски засилувачи на звук и клавијатури, транспорт на опрема и технички персонал, за настаните во сите градовите чинело 35.000 евра или околу 2.300 евра по град. За оваа ставка е спроведен тендер со три понуди за избор на најповолен понудувач и по критериум на најниска цена е избрана компанија за реализација на услугите.

„Ангажман на лица за авторски труд за креативен концепт и реализација на промотивна кампања на социјални мрежи, графички решенија, видеопродукција, визуелизации на бините и постпродукција со вкупен износ од 20.000 евра или околу 1.300 евра по град. Прославата ја поддржаа и локалните самоуправи, со организациска и логистичка помош. Пренос на МРТВ не се реализираше бидејќи авторските договори со изведувачите не вклучуваа регулирање на авторски права за пренос во живо на национални телевизии и со цел да не се издвојува посебно ниту еден од 15 настани и 40 изведувачи ширум државата“, велат од Владата и апелираат до сите граѓани, политички партии и заедници слободно да ги изразуваат своите мислења и ставови, но да застанат во поддршка на евроатлантските интеграции на земјата и да го осудат говорот на омраза против кој било граѓанин во Македонија.

Ивана Настеска