Владата предлага да се укине плаќањето по учинок за лекарите

Владата на денешната седница на предлог на Министерството за здравство донесе одлука до Собранието да биде доставен Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, со кој ќе се укине плаќањето по учинок на здравствените работници.

-Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, во кој, меѓу другото, се укинува принципот за плаќање по учинок на здравствените работници. Основната плата и делот за успешност ќе се утврдува согласно колективниот договор, како  и да се создадат услови за обезбедување здравствени работници во јавните здравствени установи преку преземање од приватните здравствени установи, соопштија од Владата.

Инаку лекарите уште пред шест години добиваат плата колку што ќе сработат. Плаќањето по успешност за здравствените работници го воведе тогашниот министер за здравство Никола Тодоров. Укажуваше дека во зависност од нивното залагање, може да добијат 20 отсто поголема плата или да бидат казнети со најмногу 20 отсто помала плата и дека тоа ќе биде доволен мотив за успешно здравство. Оние кои ќе бидат казнети со помала плата во тој месец нема да може да даваат услуги како дополнителна дејност. Моделот за плата по учинок жестоко  го критикуваше лекарската фела, забележуваа дека за казните  и наградите ќе одлучува човечки фактор, дел од нив протестираа, укажуваа дека плаќањето по учинок е неправено за нив.