Владата не се предава: Груевски ќе се врати во Македонија

Иако Унгарија веќе му одобри азил на Никола Груевски, владата во Скопје и натаму тврди дека експремиерот ќе се соочи со правдата во Македонија. Во соопштението од „Илинденска“, се наведува дека Груевски бил под полициска заштита согласно со правата кои му следуваа како поранешен премиер и тој во ниту една ситуација немал пријавено закани по неговиот живот.

„Против Никола Груевски никогаш не бил воден никаков политички прогон и не се евидентирани никакви закани по неговиот живот, ниту пак која било владина институција вршела закани по неговиот живот. Оттука констатираме дека единствена цел на Груевски е избегнување на правдата.

Владата на Република Македонија официјално покрај протестната нота доставена вчера за улогата на амбасадите на Унгарија во неговото бегство од земјата и официјално ќе испрати барање за екстрадиција проследено со севкупната документација за процесите и пресудата. Очекуваме дека властите во Будимпешта безусловно ќе го прифатат барањето за екстрадиција и во согласност со почитувањето на меѓународното право како земја членка на ЕУ и НАТО ќе овозможат враќање на Груевски во Македонија со цел да си ја отслужи казната затвор и да одговара за останатите дела за коишто е обвинет“, напоменуваат од владата.