(ВИДЕО) Џафери сведок на инцидент во албанскиот парламент при ратификацијата на Протоколот за НАТО

Дискусијата во албанскиот парламент за ратификацијата на Протоколот за Македонија за членство во НАТО беше проследена со инцидент, на кој беше очевидец и претседателот на македонското Собрание Талат Џафери.

Пратеникот од редовите на опозициската Демократска партија, Еди Палока беше отстранет од собраниската сала и доби забрана 10 дена да влегува во парламентот откако истури боја врз албанскиот премиер Еди Рама.

Видеото од инцидентот може да го погледнете на следниот линк

Инцидентот следуваше откако премиерот Рама, му се обрати на лидерот на демократите Љуљзим Баша, кој повеќе зборуваше за „криминалот на Владата“ отколку за ратификација на Протоколот за членство на Македонја во НАТО.  Рама забележа дека не е момент  за тоа -поради трагедијата  на автопатот Скопје – Тетово и поради значењето на точката на дневниот ред.

Рама, исто така, му се извини на претседателот на македонскиот парламент.

Седницата во парламентот во Тирана почна со едноминутно молчење за жртвите во тешката сообраќајна несреќа кај Ласкарци. Македонија и Албанија, како и Хрватска беа заедно во Јадранската група за членство во НАТО. Албанија, која заедно со Хрватска доби покана за членство во алијансата во 2008 година, на самитот во Букурешт, е третата држава која го ратификува Протоколот за Македонија, по Грција, а потоа  и Словенија – пред два дена.