(ВИДЕО) Јанушев : Кривична пријава против Џафери и директорот на Службен весник

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието, Талат Џафери, против директорот на „Службен весник“, но и против сите за кои ќе биде утврдена одговорност дека го прекршиле законот со објавувањето на Законот за двојазичност без потпис на претседателот на државата, изјави Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека потпишувањето и праќањето на законот за двојазичност во „Службен весник“ од страна на Џафери без потпис на претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, е незаконски и насилнички обид да се протуркаат решенија кои ќе остават далекусежни последици по државата.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Талат Џафери и директорот на службен весник, но и против сите за кои ќе биде утврдена одговорност дека го прекршиле законот, за објавување на законот за двојазичност без потпис на претседателот на државата. Дополнително ќе поднесеме иницијатива за испитување на уставноста на законот за двојазичност до Уставниот суд. Со овој закон се урива уште еден темел на Република Македонија кој ги поврзуваше сите етнички заедници кои живеат тука. Овој закон е уште една хипотека преку која Заев се обидува да ја плати цената за неговото доаѓање на власт и затоа ваквото однесување на СДСМ и ДУИ е срамно и неприфатливо“, рече Јанушев.

ВМРО – ДПМНЕ ги повика сите институции на централно и локално ниво да го игнорираат и бојкотираат операционализирањето на овој, како што рече Јанушев, неуставен и штетен закон. „Доколку одговорните во институциите се соочат со какви било проблеми или закани, ВМРО – ДПМНЕ и правната комисија им стојат на располагање за правна или било каква друга помош“, рече Јанушев.