(Видео) Тимоние: Не го разбрав Законот за јазици

Мислам дека не сум единствениот што го не успеал да го разбере законот за јазици, бидејќи се работи за многу комплициран текст, барем во однос на неговата содржина, но и на последиците, вели францускиот амбасадор во Скопје Кристијан Тимоние во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Од друга страна, потенцира Тимоние, да бидам целосно искрен, постои простор за подобрување во самиот текст и тоа е возможно затоа што станува збор за разговори. Ова е, додава, процес којшто сè уште не е завршен и не би сакал да се изјаснувам.

Амбасадорот на Франција оценува дека Македонија се обврза уште од пред девет месеци да се врати на патот кон евроатланска интеграција и тоа го прави според една амбициозна агенда.
„Таа агенда беше важен дел од работата за повторна реинтеграција што македонската Влада ја спроведе последниве месеци. Се разбира дека во нејзините изјави и таа агенда има дел и од јавната дипломатија и тоа е многу важно за да може тој дел да постои, затоа што последните години постоеше вистинска потешкотија во однос на сликата за земјата и впечатокот беше дека повеќе назадуваше отколку што напредуваше. Најважното е да се зачува патот на тие реформи, но можам да кажам дека сме задоволни од намерата којашто е искажана од новата влада. Сега доаѓа фазата на нивно спроведување. Се разбира тоа е најсложениот дел од работата, затоа што беше изгубено големо количество енергија последните години, особено поради кавгите внатре и поради намалувањето на ентузијазмот кај голем дел од администрацијата затоа што или го работеа тоа што го работат или назадуваа. Ви претстои многу работа, Франција е на ваша страна за сите тие теми, еден француски експерт е дел од кабинетот на вицепремиерот Бујар Османи, се работи за експерт од високо ниво и ете тоа е нашиот начин за да ви докажеме дека сме подготвени да ви помогнеме во техничкиот дел“, вели Тимоние.

Тој посочува на важноста од реформи во правосудниот систем, како најкритикуван во изминатите години.
„Ако има една област во којашто јас почувствував дека Македонците како и ние имаат силни критики, тоа е токму правосудниот систем, затоа што тој е огледало на едно општество, но исто така и огледало на еден политички систем и прави резиме на сите потешкотии. Потешкотиите на македонскиот систем се познати, затоа што постои претерување на политиката во правните одлуки, но исто така и сфаќање на правосудниот систем кој е доста партизиран, но исто така постојат и компетентни судии коишто имаат огромни познавања, но сепак нивната искористеност последниве години покажува дека се случува вистинско дисфункционирање во системот. Од друга страна, ќе кажам дека по една политичка промена веројатно се случуваат и промени во судскиот систем“, нагласува Тимоние.