(ВИДЕО) Полицијата затвори 19 угостителски објекти во Тетово и Гостивар

По контролата што ја спроведе Министерството за внатрешни работи во координација со Управата за јавни приходи ноќеска  приведени се 26 лица, а издадени се забрани за работа на 19 угостителски објекти во Тетово и Гостивар. Полицијата и Државниот пазарен инспекторат спроведоа контрола во 31 објект во овие подрачја.

 

Акција е спроведена и на подрачјето на СВР Битола, но не се констатирани посериозни прекршувања на законите. На подрачјето на СВР Велес, пак, при алкотестирање на 232 возачи, е утврдено присуство на алкохол кај 29.

– За  време на контролата се приведени 26 лица, 16 македонски државјани поради поседување наркотична дрога и непоседување документи за лична идентификација и 10 странски државјанки, девет од Србија и една од Црна Гора поради злоупотреба на туристички престој и нерегулиран престој во РМ, изјави денеска Лазе Велковски, директор на Бирото за јавна безбедност.

Забраните за вршење дејност се во траење од 15, односно 30 дена, за непоседување фискален апарат и неиздавање фискална сметка, но и заради вршење угостителска дејност без регистрација.

Министерството за внатрешни работи во координација со Управата за јавни приходи ноќеска спроведе контрола  во Прилеп и Битола, Тетово, Гостивар и во Велес.Пред една недела во координирана акција на полицијата со инспектори од УЈП, Инспекторатот за труд и Пазарниот инспекторат се проверуваше работата на 24 угостителски објекти во Скопје, од кои 13 беа затворени поради утврдени неправилности.