(Видео) Мицкоски: Македонија не доби чиста препорака веднаш, како што ветуваше Зоран Заев

Ова се тажни и тешки денови за Република Македонија. Македонија со владата на Зоран Заев продолжува да биде надвор од патот на Европската Унија. Македонија не доби чиста препорака веднаш, како што впрочем ветуваше Зоран Заев и Владата, туку само надеж дека можеби идната година ова време ќе се исполнат целосно критериумите за определување на датум за преговори. Македонија цела година ќе мора да тапка во место затоа што согласно извештајот потребно е да се направи прогрес во борбата против корупцијата, суштински реформи во повеќе области и создавање на услови за независно судство. Оваа неспособна влада не ги исполни критериумите и тоа е констатирано, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Според Мискоски, Македонија со Зоран Заев доби штетен и капитулантски договор за смена на името, но не и почеток на преговори со Европската Унија и тоа веднаш.

„На надворешен план имаме распродажба на државата, трговија со националните и државни интереси, а на домашен план економско цунами. Владата е едно големо фијаско која нижи само порази. Зоран Заев направи чекори за отстапки со кој се согласи за бришењето на името Македонија, промена на Уставот со цел промена на уставното име, промена и широко толкување на идентитетот, фуснота за македонскиот јазик и редица други отстапувања, а не доби ништо, иако ветуваше светла иднина и подобар живот и тоа веднаш. Разбиена е уште една голема лага.Имаме влада која го одзема достоинството на народот, но и не овозможува подобра и пооптимистичка иднина. Уште од почетокот велев и сега тоа се потврдува дека пристапувањето кон Европската Унија е работа на мерит систем, односно се вреднува сработеното, а не по работите кои ќе се пропуштат или тргуваат. Капитулантскиот договор со Грција нема да им ја заврши домашната работа и да го подобри животот на граѓаните, тој нема да ја направи помалку корумпирана владата и нашето општество ниту да го подобри стандардот на граѓаните. За тоа е потребна работа каква не видовме во период од една година од оваа влада предводена од Зоран Заев и СДСМ“, истакна Мицкоски.