(Видео) Кривична пријава против осум лица кои присилно наплаќале долгови на наводни должници

Осум лица се приведени поради учество во насилен криминал и против нив е поднесена кривична пријава. Приведените, кои биле членови на оганизирана криминална група во текот на минатата и оваа година со употреба на закани по живот и имотот на наводни должници, на насилен начин побарувале значителна имотна корист, при што предизвикувале штета по имотот на граѓаните преку опожарување возила и објекти на оштетените. На двајца од нив им е одреден притвор во траење од 30 дена, а судијата за други двајца одредил мерка претпазливост.

Ова го информира денеска на прес-конференција директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазо Велковски, кој појасни дека вчера биле уапсени сите членови на групата и додаде дека најверојатно судијата сметал дека двајцата на кои им е одреден притвор се најопасните, односни лидери на групата.

Еден бил водач, а најблизок од неговите соработници бил неговиот брат. Тие двајца се во притвор.

МВР вчера до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција достивило кривична пријава против М.Д. (40) и М.Д. (34) двајцата од Сарај, потоа против Н.П. (49), Т.П ( 39) и П.Ј. (26) тројцата од Скопје, како и К.Ч (66) од Струга, Л.М. (49) од Велес и Т.П. (51) од Неготино.

Овие лица се осомничени за повеќе кривични дела. Велковски појасни дека сомничат за злосторничко здружување, неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, изнуда, предизвикување на општа опасност, неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали и спречување на службено лице во вршење на службени дејствија.

Според сознанијата на истрагата криминалната група дејствувала на подрачјето на град Скопје. Првопријавениот М.Д. во периодот 2016-2018 создал злосторничко здружение, во кое како активни членови учествувале неговиот брат М.Д., Л.М., Н.П., Т.П., Ј.П., К.Ч., Т.П, кои заради прибавување значителна противправна имотна корист преку употреба на сериозни закани и уцени успевале да извршат наплата на долгови од лихварски услуги или нарушени бизнис релации. Оваа организирана криминална група имала хиерархиска структура со однапред одредени улоги на секој од членовите, појасни Велковски.

Наводните доверители, кои имале „побарувања“ од трети лица по основ на лихварски долгови или нарушени бизнис релации, заради наплата на своите побарувања ги ангажирале организаторот на групата и неговиот брат за спроведување на наплатата.

Тие со насилни методи успевале до одреден процент, најчесто осум отсто од целокупиот долг да ги наплатат побарувањата. Како инструменти за наплатата се служеле  со нотарски заверени изјави и договори за преземање на побарувања, пренос на должнички-доверителски односи, компензациски договори за пренос на сопственост на имот (вообичаено возила) за наводно извршени услуги.

Документиран и детектиран е и случај на нелегална трговија со херион, во која била инволвирана групата. На патниот правец Скопје-Велес сопрен е еден од членовите на групата и кај него е пронајден хероинот.

Завчера, како што информира, Велковски бил извршен претрес во домови и други простории на десет локации во Скопје, Струга и Неготино, претрес на лица, но и на возила, кои ги користеле членовите на групата. Пронајдени се и одземени четири пиштоли, пет рамки за пиштоли, пушка, ловечки карабин, 102 куршими разлилчен калибар, 12 куршуми за ловечки карабин, четири возила, пари во износ од 48 илјади евра, две дигитални ваги со траги од хероин, четири пластични мелници со остатоци од хероин.

Велковски информира дека вчера МВР расчитило и повеќе кривични дела од областа на имотни деликти – разбојништва и дрски кражби, при што се приведени три лица.