(Видео) Данчила: Неопходен е успешен референдум за интеграција во НАТО и ЕУ

Поканата Македонија да стане членка на НАТО е многу важна за вас, но и за нас, ја поддржуваме и евроинтеграцијата на земјата за која е многу важно референдумот што треба да се одржи на крајот на септември да биде успешен, порача премиерката на Романија, Виорика Данчила на денешната заедничка прес-конфреренција во Владата со нејзиниот домаќин премиерот Зоран Заев.

– Мојата посета тука на неколку месеци пред преземањето на преседавањето со ЕУ на почетокот од 2019 година од страна на нашата држава е израз на поддршка на европскиот пат на Република Македонија. Знаеме дека следниот извештај за Македонија ќе биде објавен на крајот во јуни 2019 година. Се надевам дека ќе имаме консензус како Совет на ЕУ и до крајот на 2019 година со одржување на конференцијата ќе почнете со отворање на точките од пристапните преговори  за членство во ЕУ. Романија  ќе се обиде да ви помогне на технички план. Посакувам голем успех на референдумот, се надевам дека тоа ќе го разберат сите граѓани на Македонија, порача романската премиерка Данчила.

Премиерот Заев истакна дека Романија е голем пријател на Македонија и се заблагодари за принципиелната поддршка за реформскиот процес и за евроатлантските интеграции.

– Покажавме дека можеме да се справиме со тешката политичка криза  и дека можеме да работиме енергично на сите потребни реформи, дека можеме да бидеме мотор на регионот со унапредување на добрососедските односи. Покажавме дека кога се сака, кога се верува и кога се знае, се може и се успева. Ние очекуваме фер вреднување според индивидуални заслуги и го очекуваме нашето заслужено место во НАТО и во ЕУ. Затоа значајна е оваа наша средба посебно затоа што Републка Романија ќе го преземе претседателството со ЕУ во јануари 2019 година и ќе претседава со Унијата во клучните месеци за Република Македонија. Тоа се месеци кога треба да ги завршиме внатрешните реформи и да го заокружиме договорот со нашиот јужен сосед, Република Грција. На реформите во судството активно работиме, а очекувам и успешен референдум и уште една зрела, мудра и прогресивна одлука на големото мнозинство на нашите граѓани која што ќе го потврди патот за нашето членство во ЕУ и во НАТО, рече премиерот Заев.

На средбата станало збор и за можностите за искористување за огромните потенцијали за економската соработка, како и за можностите за соработката во земјоделството, образованието…, на што ќе работат работни групи во двете земји, а најавено е и бизнис форум.

– Сакам да и пренесете на бизнис заедницара во Романија дека вратите на Македонија и се отвопребни, пораќа Заев на прес-конференцијата со Данчила.

Романската премиерка особено се осврна на улогата на ароманското население во Романија односно заедницата на Македонците како точка на соработка меѓу двете држави. Укажа дека во романскиот Парламент е инаугуриран денот на македонскиот јазик што ќе придионесе за дополнително подобрување на врските меѓу двете земји.

Романската премиерка Данчила која се наоѓа во официјална посета на Македонија денеска ќе има средби и во македонскиот Парламент.