Ветераните на ВМРО-ДПМНЕ бараат оставка од Груевски

Ветераните на ВМРО-ДПМНЕ побараа денеска лидерот на партијата Никола Груевски да поднесе оставка и да се одржи вонреден конгрес за избор на нов лидер и ново раководство.

Илија Димовски – Шаторот, еден од најстарите членови на партијата, вели дека ветераните донеле пет заклучоци, кои ќе бидат доставени до раководството на партијата. Меѓу тие заклучоци, како што рече, е и тој дека одлуките на ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ не се валидни затоа што против повеќето од членовите се водат судски постапки. Ветераните рекоа дека се понижени од Груевски, кој не сакал да слуша критики за неговите грешки.

„Против голем дел од членовите на сегашното раководство се водат повеќе истражни и судски постапки и затоа сметаме дека ова раководство не е во состојба да носи одлуки што се од интерес на партијата и државата. Тие акти нема да ги сметаме за валидни“- изјави Димовски.

Ветераните велат дека нема да дозволат разнебитување на партијата. Тие бараат и поголемо учество и вклучување во органиите на партијата, преку формирање Унија на ветерани.