Брнабиќ: Заедничка седница со македонската влада ќе се одржи следната година

Српската премиерка, Ана Брнабиќ, по денешните разговори со македонскиот колега Зоран Заев, изјави дека е постигнат прелиминарен договор за заедничка седница на двете влади, што ќе треба да се оддржи кон крајот на февруари или на почетокот на март следната година.

На заедничката прес конференција со македонскиот премиер, Брнабиќ кажа дека на состанокот се разговарало и за конкретни проекти и соработката врз која треба да се работи за на таа заедничка владина седница да се дојде до потпишување на договор.

– Ние сме блиски народи и наши обврски како политичари е да го следиме интересите и да ја унапредуваме соработката меѓу нашите два народа. Она што е договорено меѓу двете влади, а и на повисоко претседателско ниво за секое прашање, колку и да е болно или колку и да е позитивно, секогаш да кренеме телефон и да разговараме и да договориме тоа што треба затоа што пријателите така прават, рече македонскиот премиер.

Тој истакна дека перцепцијата на граѓаните во РМ е дека Србија е на прво место од соседите со кои најмногу се подобрени односите во последните пет години. Таа е сосед со кој граѓаните имаат најдобри лични искуства, сосед чија историја и култура најдобро ги познаваат, сосед за кој се има најдобро мислење, како и сосед со кој би сакале најблиски односи.

Според него, овој список со точки што може да не поврзуваат може да оди во недоглед и само ќе го потврдува потенцијалот со кој се исполнети нашите меѓусебни односи.

Брнабиќ оцени дека посетата на Заев е добар сигнал за сите натамошни проекти.

– Таа е добар сигнал што зборува за тоа дека сите меѓусебно евентуално отворени прашања треба да ги решаваме со дијалог, потенцира Брнабиќ и додаде дека посетата е прв чекор кон натамошно економско и трговско поврзување и зацврстување на пријателството меѓу двете земји.

Таа се заблагодари на поддршката на Македонија нивната кандидатура за седиштетото на Траспортната заедница на ЈИЕ да биде во Белград.

– Се надеваме дека ќе добиеме поддршка и од ЕУ, тоа е значајна работа за нас, рече Брнабиќ, која додаде дека Србија ја возвратила поддршката на Македонија да го организира Самитот за дигитализација наредната година и оти стои на располагање за секаков вид помош за одржување на самитот како и за сите останати регионални иницијативи.

На средбата на двајцата премиери е истакнато дека економската соработка е константно добра и оти има уште простор за продлабочување на економската соработка, особено во делот на инвестициите. Посебен интерес во оваа насока е поддршката на бизнис иницијативите во информатичките технологии, старт-ап компании, технолошките паркови и иновативни технологии.

Дигитализацијата, беше посочено, е од интерес на двете земји, и Република Србија, како лидер во оваа област, може да инспирира повеќе проекти за кои има интерес во Република Македонија, и кои, во голема мерка можат да ја олеснат соработката во повеќе сфери.

– Да им дадеме шанса на граѓаните и на повеќе од милион компании што работат во земјите од Западен Балкан. Да препознаат дека се создава подобра средина во која ќе може да растат да инвестираат, да вработуваат и да ја искористат регионалната економска област како пат и кон другите пазари, истакна Заев на прес-конфернецијата.

Одговарајќи на новинарски прашања Заев рече дека Македонија го почитува дијалогот што Србија го отвори со Косово односно меѓу Белград и Приштина и верува дека во интерес на Србија ќе биде најдено решение.

– Ние, рече, тоа го поддржуваме комплетно и се надеваме дека тоа ќе биде наскоро бидејќи тоа е важно за Србија и за нејзината европска перспектива, но исто така од тоа прашање зависи и перспективата на целиот наш регион.