БПЦ ќе се консултира со останатите цркви пред да одлучи за барањето на МПЦ

Светиот синод на Бугарската православна црква ќе се консултира со останатите 14 православни цркви, меѓу кои и руската, српската и грчката, пред да донесе одлука за признавање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Од секретаријатот на БПЦ за бугарски „Дневник“ изјавиле дека предлогот најверојатно ќе биде разгледан на седницата закажана за 27 ноември, но оти не се очекува веднаш да биде донесена одлука.

Причина за тоа е што ова прашање се смета за исклучително важно и ќе треба Светиот синод на БПЦ да спроведе консултации со 14-те православни цркви: Константинополската патријаршија, Грчката, Албанската, Полската, Кипарската, Романската, Српската, Грузиската, Руската црква, како и православните цркви на Америка, Чешка и Словачка, како и Ерусалимската, Александриската и Антохијската патријаршија.

По консултациите со другите православни цркви, Светиот синод на БПЦ ќе одлучи за предлогот на Македонската православна црква, наведува софиски „Дневник“.

Синодот на МПЦ-ОА на 9 овој месец испрати писмо до БПЦ во кое се бара да воспостави „евхаристиско единство со возобновената Охридска Архиепископија во лицето на Македонската православна црква“.

– Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе ја препознае и признае Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија како Мајка Црква, која прва ја прифаќа и признава нејзината автокефалност, истата ја обзнанува и актуелизира, претставува и се застапува за неа пред Вселенската патријаршија и пред другите помесни цркви, стои во писмото од МПЦ-ОА.

За прифаќање на барањето од МПЦ јавно веќе се заложија некoлку бугарски верски аналитичари, оценувајќи дека Бугарската православна црква треба да ја искористи историската шанса и да стане мајка црква на Македонската православна црква