Бојаџи: Му посакувам добра среќа на „Ругање со Христос“

Повик до Владата да го остави филмот „Ругање со Христос“ да заработува и да се прикажува низ Македонија упати денеска сценаристот и режисер Јани Бојаџи, по синоќешната македонска премиера на неговото дебитантско остварување на отворањето на третиот Меѓународен фестивал на дебитантски филм „Киненова“.

Бојаџи, на прес-конференција во МКЦ, рече дека вчерашниот настан за него била совршената можност за тој и филмот да се разделат и филмот да си тргне по неговиот, а тој по својот пат.

– Веќе јас не сум важен и на филмот му посакувам добра среќа и да се сретнеме сите некаде пак. Важно беше да се случи таа премиера за да се отвори таа порта и паднат сите маски. Тука јас завршуваме, еве го филмот. Ако отвора општествени дискусии, мене ќе ми биде драго да се разговара, рече Бојаџи.

Крајната идеја на филмот, продолжи тој, е да се гледа во кино, но дека само Штип прифатил во понеделник да се направи премиера.

– Сите други центри за култура во Македонија кои поседуваат технички можности прво прифатија, а потоа одбија да го прикажуваат со образоложение дека немаат ниту еден единствен слободен термин до крајот на годината и да им се јавам после Божик следната година, рече Бојаџи.

Нагласи дека филмот е финансиран од државата и центрите за култура се на државата, односно дека директорите на кино салоните ги именува Владата, но сега тие не му дозволуваат да се прикажува и заработува.