Бојата „стигна“ и до Белата палата

Шарените револуционери со месеци ги боеја институциите во знак на револт што претседателот Ѓорге Иванов ги помилува политичарите, но не успеаја да стигнат да ја обојат Белата палата, седиштето на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ.

Новата зграда на партијата во центарот на Скопје тогаш беше најобезбедуваниот објект, кордони полицајци и специјалци го чуваа и таму „птица не смееше да прелета“. Демонстрантите, иако неколку пати се обидуваа, не успеаја да пристапат до него.

Црвената боја заврши на луксузната палата во саботата вечерта, по протестот против договорот за името што го потпиша Македонија со Грција за решавање на деценискиот спор за името.

Демонстрантите од пред Собранието се разотидоа околу 22 часот, а еден час подоцна одговорно лице од ВМРО-ДПМНЕ се јавило во полиција и пријавило дека непознати лица фрлиле боја врз објектот и околу него.

Од Министерството за внатрешни работи засега немаат информации кој стои зад нападот. Оттаму само информираат дека на местото излегле полициски службеници и се преземаат мерки за расчистување на настанот. Нема одговор на прашањата дали околу седиштето има камери кои функционираат и дали полицијата ќе ги искористи за да се открие кој ја обоил зградата.

Во недостаток на информации за вистинските сторители, политичките препукувања и користењето на инцидентот за политичка пропаганда почнаа веднаш по нападот. Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, во саботата пред полноќ закажа прес-конференција и обвини дека зад нападот стојат структури блиски до власта – по принципот на Шарената револуција.

„Веќе подолг период, ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека власта предводена од Зоран Заев готви насилно сценарио спроведувано од свои инсталации и полициски структури чија цел е да го втурне ВМРО-ДПМНЕ во насилство за да може полесно да се делегитимира нашата борба против капитулацијата на Зоран Заев со договорот за  името“, изјави Јанушев.

Според него, власта посакувала да се случи нов 27 април, со што премиерот Зоран Заев би се прикажал како жртва, а ВМРО-ДПМНЕ би била оцрнета.
Јанушев тврди дека имаат прецизни информации за оперативци од полициските структури кои финансирале и подбуцнувале насилство, а со истите информации излезе и портпаролот на партијата, Димче Арсовски.

„Според наши непотврдени информации, на вчерашниот инцидент му претходела една средба пред неколку дена во едно познато скопско кафуле на која присуствувал еден градоначалник од редовите на СДСМ, еден многу близок вработен во кабинетот на друг градоначалник и неколку лица со дебело полициско досие. Тие лица биле убедувани да се инфилтрираат на протестите за името и да предизвикуваат насилство за кое подоцна ќе се обвини ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Арсовски.

Владејачката СДСМ пак отфрла каква било поврзаност со случајот и им порача на опозиционерите дека тие не се виновни за поделбите во опозициската партија.

„СДСМ јасно и недвосмислено беше дел од Шарената револуција во вистинските моменти кога државата требаше да се спаси од криминалот, поделбите и изолацијата и тоа не го криеше. ВМРО-ДПМНЕ мора конечно да ја напушти поразената матрица на конфликт, деструкција и поделби, да покаже елементарна политичка одговорност и во интерес на граѓаните да се одлучи за македонската иднина“, велат од партијата.

Иако уште на првите протести што се организираа пред Собранието против промената на името, демонстрантите и дел од фракционерите на партијата ги повикаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да поднесат неотповикливи оставки и да излезат на улица со нив, сепак не наидоа на поддршка.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, им порача дека ги поддржува протестите, но пратениците од партијата нема да им се приклучат на улиците, туку ќе дејствуваат од Собранието.

Филип Петровски тврди дека има докази дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го неутрализира членството. Ваквите несогласувања меѓу демонстрантите и опозициската партија ги потврдуваат и обвинувањата на лидерот на Единствена Македонија, Јанко Бачев кој беше во првите редови на протестите.

„Единствена Македонија најдобронамерно ја советува ВМРО-ДПМНЕ да престане со барањето да се откријат лицата кои синоќа фрлија боја врз нивното седиште, бидејќи ќе ја видат страшната вистина дека седиштето на ДПМНЕ го обои ВМРО. Суштествено прашање кое бара математички прецизен одговор – зошто ВМРО е против ДПМНЕ?“ порачува Бачев.

Протестите против грчко-македонскиот договор за името продолжија и викендов. Протестот што се одржа во саботата, кој беше најавуван како најмасовен, беше организиран од „Млади за Македонија“ кои се претставуваат како студенти од сите политички спектруми обединети за одбрана на името на татковината.

Фросина Факова – Серафиновиќ