Бошњаковски: Јавниот интерес во Македонија во моментов е заштитен

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски во врска со распределбата на грантовите од Фондот за иновации и технолошки развој на фирми поврзани со владини функционери, рече дека јавниот интерес во моментов е заштитен во Република Македонија.

– Премиерот Зоран Заев повика да се испитаат сите случаи и доколку се покажат одредени неправилности секој во оваа држава треба да одговара согласно законските прописи и процедури, рече Бошњаковски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Тој посочи дека ставовите што вчера ги изнесе директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски се идентични со ставовите на Владата на Република Македонија.

Деспотовски вчера им порача на сите 79 компании од првиот инвестициски бран на Фондот за иновации и технолошки развој во рок од 15 дена да достават изјава со која ќе потврдат односно негираат дали во својата сопственичка структура имаат лице кое е носител на јавна функција или член на неговото потесно семејство.

Владиниот портпарол истакна дека Основното јавно обвинителство веќе има покренато предистражна постапка во врска со тоа.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој беше прозван во јавноста за грантот што го доби компанијата „Кастинвест“ каде е коспоственик, а од кој и се откажа, рече дека ги испочитувал сите законски аспекти и го охрабри Обвинителството да го истражи случајот.

Советничката за култура во канцеларијата на премиерот, Цветанка Ласкова која беше прозвана на социјалните мрежи во врска со грантот кој од Фондот го добила фирмата Декодикс, помеѓу чии сопственици е и нејзината снаа за син, Христина Керкез, тврди дека немала пристап во доделувањето на грантови и оти не знаела за повикот за грантови на кој учествувала нејзината снаа