Борба за превласт во ВМРО-ДПМНЕ

Борбата за наследник на Никола Груевски во ВМРО-ДПМНЕ доби драматичен тек откако поранешни и актуелни партиски функционери обвинија за низа нерегуларности, како и за фаворизирање на Христијан Мицкоски од страна на раководството. Се изнесуваат низа примери во кои делегатите на претстојниот конгрес во Валандово биле заплашувани да гласаат за актуелниот генерален секретар, поради што се бара одложување на целата постапка. Меѓу потпишаните се Борис Змејковски, Трајко Вељаноски, Антонијо Милошоски, Никола Бакрачески, Илија Димовски, Илчо Захариев, Ѓорѓи Наумов, Благоја Деспотоски, Борче Стамов, Марта Арсовска-Томовска, Горан Манојловски, Павле Саздов… а покрај Груевски, кому индиректно му се наменети пораките, ги нема потписите на Влатко Ѓорчев, Никола Попоски, Никола Тодоров и на Александар Николоски, додека Филип Петровски, кој е еден од кандидатите, со денови предупредува дека на терен се врши притисок во корист на Мицкоски.

„Извршниот комитет да донесе одлука за зголемување на бројот на делегати на конгресот од 544 на најмалку 5.000 делегати, при што правото да делегираат делегати ќе го имаат месните комитети на партијата, а тоа ќе значи дека членовите на ВМРО-ДПМНЕ го избираат претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со најширок можен легитимитет. Да се донесе одлука за одложување на одржувањето на конгресот за 24 и 25 Февруари 2018 година и со тоа да се даде шанса за транспарентна постапка и демократски натпревар, а да се избегне чувството дека некој набрзина сака да избере однапред предодреден кандидат. Да се назначи колективно претседателство од три до пет члена, кои ќе ја раководат партијата до одржување на конгресот за да се отстрани сомнежот дека предлогот е со цел одолговлекување на промените во ВМРО-ДПМНЕ, а во исто време да се отстрани можноста од користење на партијата како поддршка на еден кандидат. Да се забрани користење на партиската инфраструктура за потребите на кој било кандидат и со тоа да се отстранат проблемите настанати во последните две недели. Да се овозможи делегатите да ја пријават секоја принуда, закана или притисок од кој било кандидат или негови официјални претставници и да постапува за да ги расчисти и отстрани таквите појави, да се забрани на официјални лица на раководни позиции да ја користат партиската инфраструктура во полза на еден кандидат и да им се овозможи на актуелните претседатели на општинските комитети и актуелните пратеници да бидат делегати на конгресот“, стои во барањата.

Официјално, од ВМРО-ДПМНЕ вчера одговорија дека станува збор за внатрепартиска работа и оти органите на партијата ќе одлучат за иницијативите во писмото.
Потписниците велат дека се водени од желбата за побрзо консолидирање на партија, за сеопшто обединување на сите структури и поединци од ВМРО-ДПМНЕ со цел создавање предуслови за промена на „неодговорната, неуспешната и неспособната власт предводена од СДСМ, залагање за принципи и вредности, а не за личности, затоа што ВМРО-ДПМНЕ не е една личност, не е група од неколку или повеќе личности, туку е идеја за слобода, демократија и напредок на Македонија“. Се тврди дека партијата има потреба од нов концепт на функционирање во кој ќе се почитува традицијата, успесите и вградениот труд на секој член, но и ќе се дава постојана шанса на нов и свеж потенцијал. Нивните информации од терен говорат дека има еден кандидат, кој е очигледно фаворизиран, помогнат и поддржан од целокупната партиска инфраструктура на републичко ниво.

„Се користат партиски ресурси само за еден кандидат. Се врши притисок врз добар дел од делегатите да се потпишат зад кандидатурата на еден кандидат. Се праќаат и вистинити и лажни поздрави до делегатите од влијателни личности во врвот на партијата со цел добивање на поддршка за едниот кандидат. Се користат закани за исклучување од партијата и од органите на партијата на лица што ќе одбијат да дадат поддршка на едниот кандидат“, тврдат потписниците на писмото.

Довчерашниот директор на Државен архив на Република Македонија, кој јавно се промовираше како кандидат за претседател, со денови обвинува дека членството е под притисок да го избере неговиот противкандидат.
„Ќе ви кажам еден пример: Деновиве сум постојано на терен каде што ја презентирам својата програма. Делегатите ме уверуваат дека Спиро Ристовски, кој е назначен за организација на конгресот, оди од место во место и во име на Мицкоски ги собира делегатите и некаде со убаво, а некаде со сила ги убедува да гласаат за него“, вели Филип Петровски во изјава за нашиот весник.

„Сѐ на сѐ, жалиме што мораме да констатираме дека конгресот на ВМРО-ДПМНЕ закажан за 22 и 23 декември под овие околности не гарантира демократски и транспарентен процес за легитимен избор на претседател на партијата. Пред да го објавиме ова јавно писмо, дел од нас повеќе пати алармиравме и разговаравме со највисоките партиски функционери, но за жал досега немаше никаква ефективна реакција“, заклучуваат потписниците на писмото. Како тргнале, на разните спротивставени интереси во ВМРО-ДПМНЕ ќе им треба ОДИХР за да одржат фер и слободни избори.

Горан Адамовски

Ќе се разгледа барањето за одложување на конгресот

ВМРО-ДПМНЕ ќе го разгледа барањето на дел од членовите на партијата за одложување на конгресот што треба да се одржи викендов во Валандово.
-Станува збор за внатрепартиско прашање и партиските органи ќе одлучат дали конгресот ќе се одложи, изјави Дарко Косотовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на обвинувањата за фаворизирање и трошење партиски пари за еден кандидат за претседател на партијата, Костовски вели дека и тоа е внатрепартиско прашање за кое ќе се дискутирало во, како што рече, убава атмосфера на партиските органи.