Борба за името на ВМРО-ДПМНЕ

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието побараа пратениците кои неодамна беа исклучени од нивната партија да не го користат името и симболите на најголемата опозициска партија. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски се обрати до претседателот на Собранието, Талат Џафери и информираше дека до Собранието бил исптаренен допис, потпишан од генералниот секретар на партијата Игор Јанушев, во кој се бара од Џафери да ги преземе сите потребни мерки и активности за истите да не го користат името и симболот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ве замолуваме господине Џафери колегите да ги ословувате како Независна пратеничка група, затоа што власта не може да си нарача опозиција и да дебатира со нив. Би ве замолил да се држите до тоа колегите да се ословуваат како независни пратеници без некоја задна намера.“ рече Мицевски.

Џафери на барањето на пратениците од најголемата опозициска партија одговори дека расправата за името на ВМРО ДПМНЕ пратениците можат да ја продолжат пред надлежните судови.

„Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ не е пратеник, а неговото писмо нема дејство врз мене. Пратеници според Деловникот имаат право да формираат пратенички групи. А за името не е надлежно Собранието, ќе одите на суд и ќе го решавате проблемот“,рече Џафери.