Бонева незаконски искеширала 100.000 евра за патни трошоци

Поранешната пратеничка Силвана Бонева го довела во заблуда Собранието незаконски да ѝ исплати 100.000 евра за патни трошоци. Ова произлегува од случајот со кодно име „Друмарина“, што го објави Специјалното јавно обвинителство.

СЈО ја товари Бонева за кривично дело „измама во службата“.

– Постои основано сомневање дека осомничената, од 25 јуни 2011 година до 16 декември 2015 до службите во Собранието доставила лажни фискални сметки од патарини како да остварила патувања. Од доказите произлегува дека истата имала сместувања во Скопје. Наводно, осомничената остварила вкупно 843 патувања со сопствено возило. Анализата покажува дека доколку патувањата биле реално направени, истата би требало да помине  најмалку 235.928 километри, а целокупната помината километража на истото возило е 133.520 километри. Ова е дополнителен показател дека осомничената реално не ги направила наведените трошоци и го довела во заблуда да изврши незаконита исплата на патни трошоци во значителен износ од околу 100.000 евра за патни трошоци што е износ на противправна имотна корист – рече обвинителката Фатиме Фетаи.