„Бомбите“ ќе бидат доказ во „Титаник 2“

Два прислушувани разговори, од кои едниот не е објавен, ќе бидат третирани како докази во процесот „Титаник 2“. Така одлучи Апелацискиот суд во Скопје, решавајќи за случајот што го отвори Специјалното јавно обвинителство, а во кој обвинети се лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков како и поранешните членови на ДИК – Бедредин Ибраими, Анета Стефановска и Влатко Сајковски и актуелниот член Сашо Срцев. Меѓу обвинтетите се и петте управни судии: Билјана Никодиновска Петровска, Лидија Ивановска, Благородна Аранѓелова, Газмент Фејзули и Анета Џигерова.

Апелациските судии, но вчерашната седница, во присуство на специјалните обвинители Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, донесоа одлука да ги прифатат прислушуваните разговори како доказ во оваа постапка. Одбраната на обвинетите не присуствуваше на седницата.

„Бомбата“ што ја објави СДСМ се однесува на разговор меѓу Мијалков и Тачи, каде што се слуша како тие договараат гласање во врска со приговори на изборите во ДИК.