Болтон: САД би можеле да ги зајакнат санкциите против Северна Кореја


Советникот на американскиот претседател Доналд Трамп за национална безбедност, Џон Болтон изјави дека САД би можеле да ги зајакнат санкциите против Северна Кореја доколку таа земја не се откаже од својата нуклеарна програма.

Тој истакна дека Вашингтон, по самитот во Ханој, ќе следи дали Пјонгјанг е посветен на откажувањето од нуклеарната програма „и се што е поврзано со тоа“.

– Доколку тоа не го сакаат, мислам дека претседателот Трамп беше многу јасен, нема да добијат ублажување на економските санкции кои им се воведени, туку напротив ќе се обидеме да ги зајакнеме, објасни Болтон.

Неговата изјава доаѓа по завршувањето на вториот самит меѓу Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, кој заврши без договор. Јужнокорејските разузнавачки агенции откриле знаци дека Северна Кореја обновува дел од локацијата за лансирање ракети Донгчанг-ри, која претходно ја урна.