Богоевски: Мора да има одговорност на највисоките функционери за настаните во Собранието на 27 април

Без одговорност на највисоките функционери, делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ за настаните од 27 април минатата година во македонското Собрание нема смисла, оцени денеска Слободан Богоевски, почесен претедател на Комитетот за заштата на правата.

– За да постои делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ секогаш мора да има политички цели. Ако не седнат на обвинителна клупа претседателот Ѓорге Иванов, поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски тогаш  ова дело нема да има смисла и битие. Неспорно е дека обвинетите лица го повредиле законот и го сториле делото, но ако останеме без одговор кој го организирал  и нарачал упаѓањето во Парлементот тогаш ќе се обесмисли постапката, изјави Богоевски во одговор на новинарско прашање пред почетокот на Конференцијата „Реформа во безбедносниот сектор, владеење на право и механизми за пристап до правда“.

Кривичниот суд денеска соопшти дека е прифатен обвинителниот акт поднесен од Јавното обвинителство за настаните во Собранието на Република Макеоднија на 27 април минатата година.

Од Судот потврдија дека ќе биде закажан термин за главна расправа откако ќе биде формиран кривичен предмет по обвинителниот акт и согласно АКМИС системот распределен на понатамошно постапување.

Јавното обвинителство на Република Македонија на 27 март годинава поднесе поднесен обвинителен акт против 30 лица во врска со настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Дваесет и осум лица се обвинети за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а две за помагање при вршење на истото кривично дело.