Бистис: Неодржливи се разликите во владината коалиција во однос на името

Различните ставови меѓу коалциските партнери во грчката Влада во однос на суштинско прашање од надворешната политика, како што е спорот за името, едноставно се неодржливи, особено во сегашните позитивни околности, што се создадоа во однос на можноста за надминување на спорот, коментираат денеска грчките медиуми.

Владата на премиерот Алексис Ципрас покажа голем оптимизам и подготвеност да се најде заеднички прифатливо решение и сето тоа преку интензивираните дипломатски активности на шефот на дипломатијата Никос Коѕијас, пренесува МИА.

Овие обиди, како што коментираат грчките медуми, меѓутоа наидуваат на пречка поради ставот на лидерот на Независни Грци (АКЕЛ) и министер за одбрана, Панос Каменос, кој повторува дека е против терминот „Македонија“ да биде содржан во предлогот за името.

Никос Бистис, заменик-министер за внатрешни работи од јули до март 2004 година за време на владеењето на Костас Симитис, во свој осврт за Протагон.гр на состојбите во грчката владина коалиција во однос на спорот со името потсетува дека Коѕијас веќе напоменал дека времето за Грција изминува, не само во однос на решавањето на спорот со името, туку и во однос на кипарското прашање, што е отворено уште од 1974 година.

Овие две прашања, како што се наведува во текстот создаваат дисбаланс во дипломатијата на Грција, а авторот напоменува дека сите во Грција треба да имаат предвид дека околу 140 земји веќе го признале северниот сосед под името Македомнија.

Оваа година беше круцијална за Грција во однос на решавањето на кипарското прашање, додека 2018 година ќе биде суштинска за надминува на спорот со името, а и оваа и следната година Коѕијас е на чело на дипломатијата.

И во овој позитивен момент, како што се наведува во текстот, најмалку од се е потребно несогласување во владината коалиција, поточно во овој случај меѓу СИРИЗА и АКЕЛ.

Во интервју за ЕРТ, Коѕијас не само што го бранеше својот став, туку тој и прогласи дипломатски триумф, коментира Бистис.

Позицијата утврдена во 1992 година на средбата на партиските лидери под покровителство на тогашниот претседател Константин Караманлис дека терминот „Македонија“ во името на соседната држава не е прифатлива опција за Грција е неодржлива, а како што напомена повторно се акуализира пакетот Пинеиро, во кој се споменува решението „Нова Македонија“.

– Тогаш не само што имавме убедливо решение, туку имавме и веродостоен соговорник во лицето на поранешниот македонски претседател Киро Глигоров, вели тој.

Според него, со тогаш неискористената шанса, со воведувањето на ембаргото и ред други рестриктивни мерки, „се доведовме во ситуација на географски апсурд дека Македонија е една и таа е грчка. Додава дека сето ова довело до поттикнување на екстремниот национализам и кај северниот сосед.

– Умерениот и разумен Глигоров почина, социјалдеморкатите загубија, Груевски беше прогласен за наследник на Александар Велики, декорирајќи го Скопје со мизерни статуи и обидувајќи се да ги храни луѓето со нереални соништа. Тој загуби, беше поразен на парламентарните и на локалните избори, поднесе оставка од лидерската функција во партијата, а лидерот на СДСМ како победник во процесот се обидува да најде компромис за спорот со името, вели Бистис.

Според него евидентно е дека на големо се прави политичка и психолошката подготовка на граѓаните за претстојниот компромис.

– Очигледно е дека со ослабениот национализам сега забрзано се движиме во насока на решение, но поволните околности нема да траат засекогаш, додава Бистис.

Смета дека и во двете земји се создадени услови за прифаќање сложено име, ерга омнес.

– Одлуката на политичките лидери од 1992 година е секако неодржлива и таа мора формално да биде затворена. Создадени се услови за постигнување консензус за решавање на прашањето, кое се влече веќе 30 години и повеќе немаме време за игри, додава тој.

На Каменос му советува дека доколку сака да се однесува, така како што прави во моментов, може да се „здружи со Златна Зора“ и додава дека можноста за решавање на ова толку сериозно прашање нема да зависи од несогласувањето на лидерот на Независни Грци.

За несогласувањето меѓу Коѕијас и Каменос вчера говореше и портпаролката на Нова демократија, Марија Спираки.

– Во новите обиди за решавање на спорот со името Владата нема јасна позиција. Некои го поддржуваат Коѕијас, некои Каменос, вели таа.

– Оваа ужасна ситуација е опасна за интересите на земјата. Ги повикуваме владините партнери да постигнат согласност за позицијата која ќе ја застапуваат. Нова демократија ја поддржува позицијата од самитот во Букурешт, за сложено име за севкупна употреба, додаде таа.