Бејли ќе навива за Франција, Мукаетов за Англија…
Германија и Англија имаат најмногу навивачи меѓу познатите личности во Македонија. Актуелниот бранител на светскиот трон, заедно со Бразил, Шпанија, Франција и Аргентина важи за фаворит и на овој мундијалот, од Англија се очекува конечно да ја пробие бариерата наречена четвртфинале, а Белгија и Хрватска се потенцијални мини од кои може да настрадаат и најмоќните. Светското фудбалско првенство што утре започнува во Русија и ќе трае до 15 јули, со нетрпение се чека и во земјава, иако нашата репрезентација никогаш не била ниту блиску до шанса за настап на некое тoлку големо натпреварување.
Амбасадорот на САД во Скопје, Џес Бејли овојпат нема да може да навива за своите сонародници, затоа што американската репрезентација не успеа да се пласира на натпреварувањето. Тимот на САД на минатото првенство во Јужна Африка стигна до 1/8-финалето каде загуби од Белгија со 2-1 во продолженија. Кога се очекуваше напредок во спортот што нема голема традиција во земјата, следуваше разочарувачки настап во квалификациите со Хондурас, Панама и со Костарика. Амбасадорот, сепак, има резервен фаворит.
„Ќе навивам за Франција. Фудбалот го засакав на стадионот во Рен кога го гледав маестро Платини во дресот на Сент Етјен. Тоа беше во 1976 година. Тажен сум што САД не успеаја да се квалификуваат, но, исто така, пласман на шампионатот не обезбедија ниту другите мои фаворити, како Холандија и Турција. Затоа, напред Франција“, вели Бејли за „Независен“. Да потсетиме дека пред доаѓањето во Македонија, тој беше заменик-амбасадор во Турција, а едно време и вршител на должноста.
Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на УО на „Алкалоид“, важи за голем љубител на спортот. Претседателот на ракометната федерација потенцира дека со задоволство ќе го следи натпреварувањето во Русија.
„Од перспектива на човек, кој еден убав дел од својот живот поминал во Лондон и знаејќи колку Британците го почитуваат фудбалот, мојот прв избор ќе биде репрезентацијата на Англија. Моја подршка ќе имаат и репрезентациите на Србија и на Хрватска“, ни изјави Мукаетов.
Во специјалниот прилог за Светското фудбалско првенство во Русија што на осум страници ќе излезе во утрешниот издание (среда) на „Независен весник“, можете да прочитате за кого ќе навиваат познатите во Македонија, распоред на натпревари, ѕвезди и фаворити на турнирот, досегашни победници, занимливости…
На овој ЛИНК можете да прочитате за кого ќе навива политичката елита во земјата.
Горан Адамовски